Home / Uncategorized / Одложувањето на притворите своевиден скандал

Одложувањето на притворите своевиден скандал

Не постои пример во светот каде се одложува спроведувањето на судско решение со кое е определен притвор, освен во Македонија.

Ова е оценката на обвинителот на Специјалното јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, на ситуацијата во која Горан Грујовски (поранешен началник на петтата управа), Тони Јакимовски (поранешен шеф на кабинет на Сашо Мијалков) и Никола Бошковски (вработен во УБК) нема да бидат спроведени во притвор додека Врховниот суд не одлучи по жалбите на решението на Апелацискиот суд, кој вчера на тројцата обвинети им одреди мерка притвор.

Бубевски нагласува дека одложувањето на извршувањето на решението, судот го поврзува со „една несреќна одлука“ на Врховниот суд со која ги укина првостепеното и второстепеното решение во предметот „Труст“, односно со која му беше укинат притворот на бизнисменот Сеад Кочан, кој е првообвинет во случајот.

 – Одложување на решение со кое е определна мерка притвор во светот не постои. Ова е единствено место каде што луѓето чекаат дома да се потврди решението за да одат во притвор. Тоа е невозможно! Таа правна ситуација со која е определно дека кога ќе биде определена мерка притвор истата е ефективна, е решена во Законот за кривична постапка. Штом се изрече мерка притвор, таа се извршува. Ова, ќе повторам, е производ на несреќната одлука на Врховниот суд – изјави Бубевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната јавна седница во Апелацискиот суд, на која се разгледуваа жалбите на СЈО и на одбраната на обвинетите во случајот „ТНТ“.

По жалбите на Грујовски, Јакимовски и на Бошковски треба да одлучува Кривичниот совет на Врховниот суд, чиј претседател е Вангеловски, кој во мај годинава, постапувајќи по барањето на Јавното обвинителство, донесе пресуда со која ги укина решенијата на Кривичниот и на Апелацискиот суд Скопје, со кои му беше одреден притвор на Сеад Кочан.

Бубевски денеска изјави оти очекува Врховниот суд да ги потврди одлуките на Апелацискиот суд за притворите на тројцата обвинети во „Таргет“ и во “Тврдина“ бидејќи, како што рече, аргументите се на страната на решенијата на Апелацискиот суд.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*