Серија нови земјотреси  и афтершокови сè уште ги држат охриѓани но и туристите во паника и страв, на улица исплашени да се вратат во своите домови.
Сезимолошката опсерваторија евидентирала околу 20 нови потреси од полноќ до сега од кои три со јачина од 3,5 степени по Рихтер. Сепак велат нема простор за паника, после вчерашниот од 5 не се очекуваат посилни иако Охридскиот регион има потенцијал.
Доцна синоќа сеизмолзите поставија инструменти за собирање податоци за потресите на две локации, на кои ќе се мери забрзувањето на тлото во три правци и со нив ќе се обезбедат дигитални записи за движењето, траењето и фреквенциите. Иако не можат да ги предвидат потенцираат дека нормално е по земјотрес од 5 степени да има постојани помали потреси кои не се опасни и не ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.
„Да нема паника меѓу граѓаните, од земјотресот од 5 степени, нормално е потоа да има афтершокови кои го следат ваквиот земјотрес.“, изјави Драгана Черних.
„Раседите се активирани и треба да време да се намали сеизмичноста и да се стабилизира таа област“ – вели Черних.
Во меѓувреме, охриѓани се поинтензивно пријавуваат оштетувања во домовите,од распукани тавани паднати оџаци и балкони велат од ЦУК. Оттаму потенцираат дека Нема загрозувачки објекти од кои би се евакуирало населението, само една градинка ќе биде затворена извесен период додека се санираат штетите.
„Граѓаните да постапуваат смирено, да ги имаат в предвид насоките кои ги даваат надлежните институции“, изјави Митко Темелковски, раководител на ЦУК.
„Според експертите нема опасност од настанување на штети, дури и ако продолжи ваквата сеизмичка активност“, изјави Никола Бакрачески, градоначалник.
Убедливо највознемирени се жителите на Косел, епицентарот на најсилниот земјотрес од 5 степени кој се случи вчера. Коселчани велат дека две недели се без сон,пријавуваат огромни оштетувања во куќите. Но, иако чувствуваат зголемено ниво на сулфур и тешка миризба од вулканот Дувало, ги негираат тврдењата на дел од медиумите дека земјотресот направил дупки и дека вулканот би можел да се активира. На ист став се и сеизмолозите.
„Тие се малечки дупки, нема опасност од активирање на вулканот, тоа е само зголемена концентрација на гас и не би настанала ерупција.“, изјави сеизмолог.
Сеизмолошките екипи остануваат во Охрид уште неколку дена. Прават мини обука на локалните претставници од општината но и постојано ја проверуваат безбедноста на јавните но и приватните објекти.