Don't Miss
Home / Вести / Пејачите ќе протестираат пред Владата

Пејачите ќе протестираат пред Владата

Сѐ уште не стивнуваат реакциите на членовите на македонската естрада на социјалните мрежи, по објавувањето на новите мерки на Владата за воведување колективна „тишина“.

Според голем број музичари и пејачи, чашата се прелеа со најновиот потег на министерот за здравство, Венко Филипче.

– Повеќе нема да има гостување на пејачи и диџеи во угостителските објекти, а во ниту еден момент не добија дозвола дискотеките и ноќните клубови. Понатаму, се намалува дозволената јачина на звукот на 55 децибели за да се одржи препорачаната дистанца и се намалува бројот на лица коишто седат на една маса од 12 на 4 лица – посочи министерот Филипче.

Директен повод за оваа одлука беа послендите случувања во струмичката дискотека „Аватар“и концертите на Владо Георгиев во клубот „Мош“, каде не се почитувале протколите за одржување јавни настани.

И повторно поради пејачи од страна, домашните естрадни работници го обраа бостанот. Уште од март, по воведувцањето на вонредната состојба, поради пандемијата на коронавирусот, голем број музичари едвај врзуваа крај со крај поради неработењето, а откако малку се олабавија условите и, колку-толку, живна музичката сцена, со овој потег на многумина кариерата ќе им виси на конец.

Токму затоа, естрадните работници, музичарите, заедно со претставниците на ивент- идустријата и угостителите засегнати од кризата, утре во 14 часот ќе го кренат својот глас пред Владата. А тоа ќе го направат, се разбира, со музика.

– Целта на овој протест е да докажеме дека сепак постоиме. Дека има огромна сложност меѓу нас, дека ќе се бориме од сегa па натаму многу посериозно за нашите права, а со тоа сакаме да ги претставиме нашите строги барања и протоколи пред државните органи.

Со тоа би постигнале огромен успех, со што би продолжила константната работа на сите настани од отворен и затворен тип, без да нанесеме било каква штета врз здравјето на нашите почитувани граѓани. Со дозвола на нашите барања, ние за возврат ветуваме дека ќе направиме да има драстичен пораст на економијата во државата – велат организаторите на протестот, што го поддржаа и Независната угостителска комора и Асоцијацијата на ноќните клубови и кафулиња, како и повеќе ресторани за свадби, но и Сојузот на стопански комори.

Се апелира на масовност и придржување до мерките за безбедност, носење маски и држење дистанца. Министерот Филипче, пак, им порача на естрадните работници да протестираат пред Инфективна клиника.

– Лесно е да излезеш на протест, тешко е да седнеш и да најдеш решение кое ќе биде добро за сите. Владата не остави никого на цедило, помогнато е на сите со неколку владини економски пакети, а ќе помагаме и понатаму – изјави Филипче.

Меѓу оние кои реагираа на социјалните мрежи, меѓу првите беше Владимир Блажев, алијас Панчо, од групата „ДНК“.

– Со нашиот бенд „ДНК“ бевме први кои од сопствен џеб плативме и направивеме лајв стрим концерт на социалните платформи под мотото #СедиДомаБидиКул, уште пред да се воведе целосниот карантин, сѐ со цел да влијаеме и помогнеме во целата ситуација, еднаш не се побунивме, иако 90 отсто од артистите бевме без неколкумесечно примање, но со овој ноншалантен однос и очигледно, незнаење на владата, во кој правец оди мислам дека време е сите ние музичари, артисти, уметници да кренеме глас на улица, да си ги бараме нашите права и да им дадеме до знаење дека ние не сме виновни за грешките на неколкуте локали и организатори на настани кои видливо се толерирани од не знам кои причини. Ова нема така лесно да ви помине, ви гарантирам. Срам и арам да ви е на сите ваши неосновани одлуки и тоа што нѐ ставате сите во ист кош – реагираше остро Панчо од „ДНК“.

Симеон Атанасов бара од владата да се најде начин да ги чува и да им помага на своите уметници.

За Мишко Крстевски, пејач на народна музика, пеењето и музицирањето не е хоби, туку основна професија, како и на голем број негови колеги.

– Ми забранувате да работам и со тоа да опстанам и преживеам. Зошто сум дискриминиран во однос на другите на кои не им е забрането да работат и тоа во колективи од неколку стотини вработени? Молам некој од власта да ми одговори, сепак сте само луѓе – реагираше Крстевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*