Home / Спорт / Пелистер ни на небо, ни на земја

Пелистер ни на небо, ни на земја

Во моментот кога во Русија се играат завршните  натпревари од Светското првенство  депласирано  е да се размислува за состојбите во битолскиот второлигаш. Но иако наводно  за вторник,  10 јули е закажана првата прозивка за стартот на подготовките за новата сезона, засега никој во Пелистер не кажува ни кој ќе биде тренер, ни како ќе изгледа составот на Пелистер во новото првенство во Втората фудбалска лига.

За тоа каква е состојбта во Пелистер најдобра потврда е што тренерот на  клубот, Неџат Хусеин, кој го водеше Пелистер во Првата фудбалска лига и по заминувањето на Марјан Секуловски единствен остана да се бори со проблемите на клубот не знае дали останува на тренерската клупа, или пак и тој како и голем број играчи ќе мора да бара нова средина.

-Засега немам никаква информација од клубот. Со мене никој не разговарал како ќе  се одвиваат работите за новото првенство. Од разни извори слушам разни (дез)информации, но  повторувам официјално никој од Управата на клубот не разговарал со мене, ни за мојот статус, ниту пак за тоа како ќе се одвиваат работите за стартот со подготовки, вели Неџат Хусеин.

Од Пелистер засега никој не сака да разговара на темата за иднината на клубот. Тоа што посебно загрижува е што никој ништо не говори, туку  во клубот владее некој чуден молк и кога се во прашање трансферите на играчи и плановите за новото првенство.

Тоа што неофицијално може да се слушне        е дека  подготовките за стартот во новото првенство ќе се  случат  на 10 јули.

Наводно Управата на клубот веќе била во потрага по нов тренер, но неговото име не се соопштува, а засега во тајност се  држат и информациите  околу  составот на играчите  кои ќе го носат дресот на Пелистер во новото првенство.

Некои фудбалери веќе имале одврзани раце да го напуштат Пелистер и си заминале од клубот. Друга група фудбалери најавува заминување, додека некои не знаат сеуште што да прават, дали да останат или пак да го напуштат Пелистер.

Ваквата состојба во Пелистер навистина загрижува и доколку не се преземи нешто за средување на состојбата во Пелистер на битолскиот второлигаш црно му се пишува.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*