Don't Miss
Home / Политика / ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ НЕ СЕ ВРАЌААТ ВО ПАРЛАМЕНТОТ, СЕ ВРАЌААТ МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ

ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ НЕ СЕ ВРАЌААТ ВО ПАРЛАМЕНТОТ, СЕ ВРАЌААТ МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ

Иако се очекуваше дека под притисок на меѓународната заедница опозициската СДСМ, по годишните одмори, ќе се врати во Парламентот, сепак, најголемата опозициска партија пресече – нема враќање во Собранието.
Според одлуката на највисокото раководство на партијата, наскоро пратениците ќе се вратат меѓу граѓаните и на тој начин, заедно со нив, ќе ја практицираат својата политичка платформа.
-По повеќето состаноци што ги имавме на ниво на избраните пратеници, а и со раководството на СДСМ, зазедовме конкретни ставови за нашите натамошни активности. Во иднина, внимателно, како и досега, ќе следиме какви закони носи власта на Груевски во отсуство на опозицијата. Во отсуство на опозицијата од Парламентот, власта покренува иницијативи за менување на Уставот, носи проблематични и неуставни законски решенија, без никаква дебата, поддржани од владејачкото мнозинство во Собранието, коешто дејствува како продолжена рака на Владата, а не како нејзин коректив. Отсега, тој коректив ќе биде нашата пратеничка група. Ќе реагираме на секој недемократски и штетен проект за граѓаните. Со конкретни решенија ќе понудиме вистинска алтернатива на лошите законски проекти што ги носи контролираниот парламент. Ќе работиме многу интензивно, рекоа, меѓу другото, избраните пратеници на СДСМ и коалицијата “Сојуз за иднината“ во изјавата за медиумите.
Говорејќи за тоа како ќе ја промовираат својата политичка платформа тие нагласија:
-Свесни сме за контролираната медиумска блокада и за недемократските услови во коишто треба да функционираме. Затоа, нашата работа ќе биде меѓу граѓаните, од човек до човек, од домаќинство до домаќинство. Ќе одиме на поединечни и групни средби со граѓаните, ќе ги објаснуваме решенијата и политиките за коишто се залага СДСМ. Ќе функционираме конкретно, како опозициска пратеничка група и ќе бидеме дел од партиските комисии.
Наша водилка ќе ни биде социјалдемократската идеја: општество на сите и за сите, земја на еднакви шанси, солидарност и можности за достоинствен живот за секого и перспектива. Ова ќе биде тежок, трнлив и макотрпен пат. Но ова е вистинскиот пат и сите ние овде сме убедени во тоа. Ќе функционираме надвор од Парламентот. Но, ќе ги исполниме сите очекувања, на граѓаните кои не избраа, на нашите поддржувачи и симпатизери. Ќе им се доближиме и на неопределените граѓани, ќе им се обраќаме и на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ кои веќе се свесни каде ја водат земјата актуелните политики. Ќе се консултираме со сите нив, ќе ги лоцираме проблемите на терен, на терен ќе работи и секој од нас, во изборната единица од којашто доаѓа.
Свесни сме дека од нас се очекува да ја вратиме демок-ратијата во Македонија. Тоа ќе го правиме. Тука сме, да ја оправдаме дадената доверба од оние кои во недемократскиот амбиент се одважија да дадат поддршка на оваа демократска опција за Македонија. Нашата мотивација се граѓаните и Република Македонија.
Веднаш по ваквата одлука на пратениците, раководството на партијата излезе во јавноста со соопштение во кое, меѓу другото, се вели дека раководството на СДСМ почна со првите чекори за реализација на стратегијата за политичко делување на Социјалдемократскиот сојуз, усвоена едногласно на седницата на Централниот одбор.
Претседателот на партијата, Зоран Заев, заедно со генералниот и организацискиот секретар, Оливер Спасовски и Миле Зечевиќ, одржаа координација со општинските организациии, а заменик-претседателката Радмила Шекеринска се состана со претседателите на советите на партијата, што се трансформираа во комисии и ќе бидат пандан на министерските структури.
-Ни претстои сериозен период што бара од нас максимален ангажман за да ја постигнеме целта. Се работи за државата, за граѓаните, за семејствата и децата, на секого од нас. Конечната цел е нашата Македонија, рече претседателот Заев.
Генералниот секретар, Спасовски и организацискиот секретар на СДСМ, Зечевиќ, на средбата со првите луѓе на општинските организации на партијата, посочија дека СД-СМ се наоѓа во историски момент кога и е сериозно потребна на државата и дека Социјалдемократскиот сојуз е единствената политичка сила што реално може да им помогне на граѓаните.
-Прецизно ќе ги лоцираме проблемите во државата и ќе нудиме реални решенија. Ќе покажеме дека имаме визија за поинаква Македонија што ќе продуцира напредок и подобар живот за сите, рече заменик-претседателката Шекеринска.
На состаноците беше разговарано за начините на реализација на 4-те столба на стратегијата на СДСМ, особено на столбот “Работиме заедно“ што предвидува секојдневни средби со граѓаните и домаќинствата и на столбот “Чесна понуда“, преку којшто СДСМ и покрај недемократските услови и контролираниот медиумски простор, ќе стане видлива алтернатива на актуелната штетна власт.
Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*