Home / Вести / Премиерот Заев во посета на Националната установа „Танец“

Премиерот Заев во посета на Националната установа „Танец“



Претседателот на Владата на Република Северна Македонија ја посети Националната установа „Танец“ и имаше средба со директорот на ансамблот Мартин Вучиќ и со дел од вработените по повод годишнината од основањето.

На денешен ден, пред 72 години, во 1949 година, со решение на Народното собрание на тогашната Народна Република Македонија е формирано друштво за собирање, негување и презентирање на македонското музичко-сценско творештво кое стана светски препознатливо како ансамбл – „Танец“ и по тој повод премиерот Заев изрази благодарност до сите генерации играорци, пејачи, музичари, кореографи и сите останати во ансамблот, кои со огромна љубов ги чуваат народните игри и песни, обичаи и носии и преку успешните рафинирани кореографски поставки го презентираат македонскиот бит пред светот.

„Оваа наша национална установа од посебен општествен интерес, повеќе од 7 децении ја остварува својата културна мисија на негување и презентирање на македонското фолклорно творештво во земјава и надвор од неа. „Танец“ е бренд што ја освојува публиката каде и да настапи. Ја освојува со својата професионалност, со совршениот изведувачки израз со кој автентично се афирмира сета убавина на нашето фолклорно наследство“, истакна претседателот на Владата Заев.

Според директорот на „Танец“ Мартин Вучиќ, пандемијата која во моментов владее ги погоди сите категории на луѓе и институции, а меѓу најпогодените заради природата на дејноста се изведувачките уметности и настани.

“Таков е и нашиот ансамбл, кој е должен да ја негува македонската музичко-фолклорна традиција и сценски да ја претставува, но верувам дека наскоро, повторно ќе можеме да настапуваме и да ги презентираме уметничките достигнувања на ансамблот „Танец“, во неговиот полн сјај дома и во светот“ рече на средбата Вучиќ.

Премиерот Заев на средбата нагласи дека Владата и граѓаните на земјата освен признанијата за „Танец“ за одржувањето на континуитетот на афирмацијата и чувањето на посебностите на нашето фолклорно наследство се тука за да ја изразат и заложбата за целосна поддршка на работата на „Танец“ кој го вклучува и обезбедувањето на нов соодветен објект како траен дом за нивната работа и концертирање за што веќе е донесена одлука на Владата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*