Home / Вести / Продолжуваат пазарењата околу (не) усвојувањето на ребалансот на буџетот во Советот на Битола

Продолжуваат пазарењата околу (не) усвојувањето на ребалансот на буџетот во Советот на Битола

Во Советот на Битола по неколкудневната работа на работните групи, денеска советниците на 31 седница потрошија часови за усогласување и усвојување на амандманите поднесени од страна на советничките групи за ребалансот на буџетот.

За разлика од порано, кога советниците од неформалното мнозинство не отстапуваа од своите барања, денеска тие со цел да се надмине блокадата на Советот и да се донесе ребаланс кој ќе биде вчитан од Министерството за финансии, ги намалија износите на понудените амандмани дури за 80 проценти.

-Во изминатите три месеци постојано сме сведоци на лажни вести, пласирани од Општината Битола. Не е точно дека Советот не може да изгласа ребаланс на буџет. На работните групи се изврши усогласување на амандманите предложени на сите советнички групи. Конструктивноста од страна на советничките групи беше голема, секој се потруди да намали од средствата, само за ребалансот да биде во рамката. Од општинската администрација требаше да ги усогласат износите за амандманите, не беше тоа работа на советниците. Но, бидејќи пред јавноста Советот е претставен дека ја кочи Битола и дека не функционира, зедовме обврска она што не може да го реши градоначалникот и екипата околу него, ние како советници да го решиме. Секоја советничка група беше подготвена да ги намали износите и сите амандмани се намалени за повеќе од 80 проценти-изјави претседателката на Советот на Битола, Габриела Илиевска која изрази сомнеж во веродостојноста на материјалите и документите кои како Совет ги добиваат од општинската администрација.

Илиевска дури обвини дека некои „ливчиња“ што ги добиваат се преправени со коректор и на некои од нив претходно ако стоело дека не се согласуваат со амандманите, подоцна било допишувано дека се согласуваат.

На седницата, советниците на СДСМ побараа од општинската администрација да им ја достават финалната верзија за ребалансот на буџетот со амандманите од сите советнички групи.

-Крајната цел е да се откочи работата на Општина Битола. Ребалансот да добие финална разрешница и да се влезе во период кој остана до

крајот на годината да се реализираат проектите бидејќи Општината Битола првпат се наоѓа во вакуум период-вели координаторот на советничката група на СДСМ, Методија Илиевски.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ велат дека на битолчани во изминатите два месеци им е преку глава од целата сага со ребалансот на буџетот и дека се прави од ништо нешто, со единствена цел некој само политички да профитира.

-За првпат како никогаш досега се прифатени амандмани на сите советнички групи во Советот. Предложените амандмани од сите советнички групи едногласно се изгласани, но, од општинската администрација повторно ни беше укажано дека буџетската рамка се надминува. Доколку не се скратат дел од финансиските средства и нивно рационално искористување, се доведуваме во ситуација да се надмине буџетската рамка или да се кратат финансиски средства од развојните програми. Одлуката е наша, дали ќе гласаме ребаланс што нема да биде функционален и по вторпат Министерството за финансии ќе го врати или ќе го прифатат нашиот предлог да се скусат средствата за некој од амандманите. Дел од проектите што се предлагаат треба да се земе предвид дали се тие во надлежност на Општината Битола или не. Таков класичен пример е предлогот за реконструкција на регионален пат а тоа не е во надлежност на Општината и не може да го гради, бидејќи е во надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта. Советниците точно треба да ги знаат потребите на граѓаните и да предлагаат реални амандмани во надлежностите на локалната самоуправа-изјави координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Бојкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*