Раководствата на АД ЕСМ и АД МЕПСО денеска одржаа координативна средба со цел усогласување на стратегиите за развој на преносната електроенергетска мрежа и интеграција на новите производни капацитети од обновливи извори на енергија.

На средбата, АД ЕСМ ги презентираше плановите за проширување на своето производно портфолио со нови капацитети од обновливи извори на енергија, додека АД МЕПСО ги претстави проектите за зајакнување на сигурноста и стабилноста на преносниот систем.
–Разгледани се можностите за зголемување на капацитетот на мрежата со цел приклучување на новите обновливи извори и објектите за складирање енергија. Двете компании разменија информации за тековните и планираните проекти за изградба на нови преносни водови, трансформаторски станици и примена на напредни технологии во преносниот систем-стои во информацијата на АД ЕСМ.

Оттаму додаваат дека оваа координативна средба е од клучно значење за усогласување на развојните планови на АД ЕСМ и АД МЕПСО, со цел обезбедување стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија за домаќинствата и стопанството.
Двете компании потврдија дека ќе ја продолжат соработката на оперативно ниво и ќе ги интензивираат активностите за реализација на планираните проекти, со заедничка цел-успешно интегрирање на обновливите извори на енергија и зајакнување на преносната мрежа во пресрет на идните енергетски предизвици.