Home / Градска хроника / Регионална расправа за инвестициите во македонското водостопанство

Регионална расправа за инвестициите во македонското водостопанство

 

Во организација на Управата за водостопанство на Република Македонија, во малата сала, на Центарот за култура во Битола, деновиве се одржа регионална расправа за Акцискиот план и инвестициите во македонското водостопанство за период од десет години.
-Станува збор за активности кои се дел од надлежностите на Управата за водостопанство, но овој пат одлучивме да изработиме десетгодишен, долгорочен план за инвестирање во водостопанството и создавање услови за навремено снабдување со чиста и квалитетна вода на сите корисници, посочи Кадир Сали, директор на Управата за водостопанство на Република Македонија.
Тој информираше дека со новиот акциски план е предвидена изградба на големи брани, мали акумулации, рехабилитација и санација на постоечката инфраструктура, како и изработка на финансиски план за потребните трошоци за сите инвестиции.
-Очекуваме од водокорисниците и од земјоделците да понудат идеи за содржината на овој документ. Инвестирањето во водостопанството е важен аспект и затоа планираме секоја година да го зголемуваме наводнувањето на површините, да имаме квалитетно производство на земјоделски производи, да имаме помали загуби на вода и сите корисници навремено да бидат снабдени со чиста и квалитетна вода, рече Сали.
Јавното претпријатие “Стрежево” – Битола користи средства од оваа програма за реализација на своите планови. За 2014 година располага со сума од 80 милиони денари кои дел се користат за нови капацитети, а дел за реконструкција на постоечките. Конкретно дел од средствата ќе бидат искористени за промена на системот за динамичка регулација, а дел за набавка на цевки и друга опрема за цевководите – посочи генералниот директор на ЈП “Стрежево”, Марјан Ѓероски.
Првата верзија на Акцискиот план, одобрена од Комитетот за наводнување и одводнување, во Битола на јавна расправа ја разгледуваа претставници на водостопанските претпријатија од Прилеп, Ресен, Демир Хисар, “Битолско поле” – Битола, ЈП “Стрежево”-Битола, како и претставници на водостопанските заедници од Пелагонискиот регион.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*