Don't Miss
Home / Спорт / Скантата и Димсата на европско првенство во Шпанија

Скантата и Димсата на европско првенство во Шпанија

По повод учеството на европското првенство во кик-бокс кое ќе се одржи од утре, в сабота во шпанскиот град Билбао, двајцата репрезентативци и нивниот тренер во кафе-барот “Симбол” одржаа прес-конференција.

На престојното европско првенство во кик-бокс кое ќе се одржи во Шпанија од 18 до 26 октомври ќе учествуваат и двајца битолчани, Александар Најдовски – Сканта и Александар Димовски – Димса.
Двајцата ќе се борат за медал во категоријата лоу-кик. Најдовски ќе биде во категорија -86 килограми, а Димовски во категорија +91.

Тренерот на македонската репрезентација Тони Бошевски кој и ги селектираше двајцата за очекувањата од ова европско првенство за нивното учество на европското првенство на прес-конференцијата рече:
-Двајцата се докажани борци кои неколку изминати години се најдобри во своите категории во Македонија, а квалитетот го имаат докажано и на меѓународни натпревари. На последната проверка, на изборното првенство кое се одржа во Велес само го докажаа квалитетот и го потврдија репрепрезентативниот статус. Што се однесува пак до нивниот настап на престојното Европско првенство во Шпанија, мислам дека имаа шанса да се вратат со медал. На првенството ќе има многу квалитетни борци, а очекувам и силни борби на двајцата, како во квалификационите така и во финалните борби.

kik boks 2

Александар Најдовски неколку години е во врвот на македонскиот кик-бокс и ова ќе биде негова прва битка за медал на европско првенство.
-Репрезентативец на Македонија сум од 2009 година и досега имам настапувано на две светски првенства и еден светски куп. Ова е мое деби на европските првенства и се надевам на медал. Имам зад себе многу настапи и тренинзи и сето тоа ми дава верба дека со медал ќе се вратам од Шпанија, вели Александар Најдовски, кој додаде дека во силната конкуренција покрај физичката и тактичката подготвеност ќе му треба и спорска среќа.
За разлика од него Александар Димовски нема толкав репрезентативен стаж, но во последните две години е државен првак, а има и меѓународни настапи.
-Тренираме веќе седум месеци за ова европско првенство, а последниот месец сето тоа е со поголем интензитет. Нема да биде лесно на европското првенство во Шпанија, но квалитетот и желбата за медал е на моја страна, вели Димовски.
Комплетната репрезентација имаше состанок и тридневни заеднички тренинзи, а двајцата битолчани покрај секојдневните тренинзи во Битола имаа и седумдневни подготовки во Охрид кои им ги овозможи синдикатот на ЕЛЕМ, а за патувањето во Шпанија им помогна и градоначалникот на Битола.
-Двајцата одлично работат, како самостојно така и со мене, но секако до заминувањето ќе имаме уште едно собирање на репрезентативците каде ќе ги имаме завршните тренинзи, додава Бошевски.
С.Р.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*