Home / Култура / Со концерт на групата “Љубојна“ затворено културното лето во Новаци

Со концерт на групата “Љубојна“ затворено културното лето во Новаци

Со спектакуларниот концерт на македонската етно-група “Љубојна“ пред многубројна публика, беше означен крајот на годинашното издание на културното лето “Новаци 2014“ во Општината Новаци, кое се одржа под покровителство на градоначалникот Лазар Котевски.

Во прекрасниот амбиент на дворот на манастирот “Рожденство на пресвета Богородица“ во Новаци и многубројната публика, беше свечено затворено Културното лето “Новаци 2014“ на кое годинава продефилираа голем број поети, уметници, музичари, актери и други креативни учесници.

-Навистина со концертот на групата “Љубојна“ се покажа дека го направивме вистинскиот избор, а тоа го потврдува големата посетеност на овој прекрасен музички настан. Дворот на манастирот е полн со луѓе, а убавата македонска песна и забавата се неизбежни. Концертот на групата “Љубојна“ е последен во овогодишното издание на Културното лето “Новаци 2014“, што го организираше Културно-иновативниот клуб на Општината Новаци. Ние како општина ќе продолжиме да ги поддржуваме и помагаме ваквите и слични културни манифестации – истакна Лазар Котевски, градоначалник на Општината Новаци.
Инаку, во рамките на Културно лето “Новаци 2014“, минатата седмица во организација на Културно-иновативниот клуб во дворот на Општината Новаци, пред фонтаната и споменикот на дедо Кољо војводата, се одржа концерт на хармоники, кој го привлече вниманието на присутните.
Воедно, во салата за приредби во Општината Новаци се одржа концерт на сериозна музика.

Изведбата беше на “Дуо нуово“ во состав м-р Марија Самовска-Буџаковски – пијано и Андријана Дукоска – виолончело.

Љубителите на класичната музика имаа можност да уживаат во специјално изготвените аранжмани за овие музички инструменти од Лудвиг ван Бетовен, Јоханес, Брамс, Александар Глазунов, Консуело Веласкез и други познати композитори.
Инаку, и ансамблот за фолклор “Плетенка“ од Битола, КУД “Новаци“ и Културно-уметничкото друштво од Оп-штината Лудбрег, Хрватска, направија вистински хепенинг на народни песни, танци и ора од Македонија и Хрватска. Настанот беше масовно посетен, а се одржа во дворот на Општината Новаци.

-Навистина е прекрасно да се видат танци и ора на две различни култури, македонската и хрватската. Исто така, беа изведени и неколку изворни хрватски песни. КУД “Новаци“ има богато искуство и соработка со многу културно-ументички друштва, а еве денеска наши гости се од КУД Лудбрег, Хрватска, како и нивниот градоначалник. Нашата локална самоуправа го поддржува овој настан, а и понатаму ќе ги помага ваквите и слични културни случувања – истакна градоначалникот на Општината Новаци, Лазар Котевски.

Силен впечаток кај публиката остави и концертот на пензионерскот хор “Сирма војвода“.

Настанот беше организиран во преубавиот манастир Паралово, кој е еден од најстарите во овој крај со специфично обележје и историја. Посетителите имаа можност да уживаат во песната, орото, прекрасните звуци на македонската народна песна и убавините на ова автентично место.

И во дворот на прекрасниот манастир “Рождество на пресвета Богородица“ во Новаци, во прекрасна атмосфера, беше промовирана поетската книга “Вдах“ од Борче Панов од Радовиш.

Промотори на книгата беа Милица Димитриевска- Радевска и Елена Г. Костадиновиќ.

Културното лето “Новаци 2014“  има тенденција да прерасне во традиција и по теркот на европските и светските метрополи, да понуди богата културна програма и за локалните мештани, но и за бројните туристи, гости и посетители од државата и странство.

Градоначалникот на Општината Новаци, Лазар Котевски, кој, воедно, е генерален покровител на Културно лето “Новаци 2014“, секогаш максимално ги поддржува иновативните и креативните идеи во општината и секогаш му дава приоритет на се она што во голем дел ја афирмира општината Новаци, која одамна ги надмина своите локални рамки и делува успешно и организирано.

Таквата поддршка ќе продолжи и во иднина, се со цел економски, културен, спортски и секаков друг развој на Општината Новаци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*