Don't Miss
Home / Спорт / Соопшение на бордот на директори на ФК Пелистер по поразот и обвинувањата кон судијата Ставрев

Соопшение на бордот на директори на ФК Пелистер по поразот и обвинувањата кон судијата Ставрев

Пелистер беше поразен од Силекс, а причината за новиот неуспех тимот од Битола ја гледа во арбитражата на главниот судија Александар Ставрев. Бордот на директори го обвинуваат скопскиот арбитар за тенденциозно судење. Соопштението од ФК Пелистер го пренесуваме во целост:
ФК Пелистер веќе во континуитет е жртва на чудниот и до крај сомнителен критерум на делителите на правдата на нашите натпревари во есенскиот дел од шампионатот. Дури и кога се делегирани нашите најдобри судии, постои голем сомнеж околу нивниот квалитет, нивната форма или одлуките кои никој не може да ги објасни или анализира. Чашата ја прели попладнево најчесто прогласуваниот најдобар македонски судија, со што нашиот клуб во ниту еден момент не може да се согласи, Александар Ставрев. За судија со неговото реноме одлуката во 27 минута на мечот Пелистер – Силекс е лесна и едноставна.

Но, Ставрев даде се од себе да ја направи комплицирана и погрешна.

Имено, сите присутни на стадионот под Тумбе кафе го видоа пеналот врз Бошко Ступиќ, кој со својата импозантна физичка сила беше со боречки зафат срушен од гостинскиот фудбалер Стефан Рудан, но скопскиот судија кој беше веднаш до дуелот, не сакаше да го види. Не дека не го виде, туку буквално не сакаше да го види, веројатно заради тоа што по правилото на судиските правила на интернационалниот борд, требаше да следува и казнена мерка – црвен картон за фудбалерот на Силекс.  Ступиќ не беше казнет ниту за симулација, па никој не знае која е причината за одлуката за главниот судија. Овој момент го направи понатамошниот тек од средбата нерегуларен, а со тоа и финалниот исход.

ФК Пелистер е свесен за своите играчки и резултатски лимити и своите грешки ќе ги побара интерно, меѓу професионалните членови на клубот.  Но, кога луѓето кои треба да ја делат правдата се однесуваат како Александар Ставрев, тогаш клубовите се беспомошни. Кога главни фаци ни се луѓето во црно, тогаш не е ни чудо што фудбалот ни е таков каков што ни е.  А истиот тој Ставрев има дебело досие на трагично-смешни одлуки на Пелистер во претходните три сезони, кои дебело му одат на штета на нашиот клуб, на професионалците во него, на фудбалерите и тренерите кои го воделе битолскиот прволигаш.

Уште повеќе зачудува како тоа Александар Ставрев е безгрешен и не прави горд како Македонци кога суди во Европа, каде со право напредува, а во Македонија скоро половина лига се жали на неговата арбитража. Да не говориме дека му суди второ коло по ред на Пелистер, што е лош исклучок во секое добро организирано првенство.  А,  мора и да потенцираме дека ова судење се надоврзува на она на Марјан Маркоски неговите помошници на мечот Пелистер – Ренова во 13. коло, кога неговиот помошник покажа на белата точка заради прекршокот врз Јованчо Трајковски, а Маркоски не ја прифати асистенцијата. Дали тоа фудбалските правила се изопачуваат за натпреварите на Пелистер?

Потсетуваме дека ФК Пелистер е голем проект на новиот доминантен сопственик на Клубот и една од најголемите општини во Македонија и со ваков однос врз нашиот клуб се навредува цела една армија на навивачи, цел еден град и еден од нашите најкултни клубови.
Апелираме сериозно да се огласи судиската организација на ФФМ, да се осуди односот и критериумот на одредени судии врз Пелистер, посебно Ставрев кој со својата арбитража предизвикува нервоза и огорченост меѓу фудбалерите и гледачите под Тумбе кафе.
Иако не би навлегувале во критериумот на делегирање на судиите, сепак не ни е пријатно кога ќе го прочитаме неговото име како делител на правдата на нашите натпревари. Се надеваме дека во иднина и нема да го прочитаме.

Спортски поздрав
Борд на директори
на ФК Пелистер

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*