Don't Miss
Home / Вести / Средба на Спасовски со Росана Дуџак

Средба на Спасовски со Росана Дуџак

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски се сретна со Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите нации во нашата држава.

На средбата е разговарано за мерките што ги презема Владата за справување со ситуацијата со коронавирусот и е оценето дека државата го презема потребното во заштитата на јавното здравје.

Пренесено е дека ОН се подготвени да дадат поддршка на нашата држава, таму каде ќе се процени дека е важно.

„Во справување со пандемијата од вирусот COVID-19, во забрзување на економското опоравување на земјата, во спроведување на реформите на патот кон членство во Европската унија, семејството на Обединетите нации е подготвено да даде  поддршка на Владата и на граѓаните на Северна Македонија”, соопшти Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија.

Таа го изнесе ставот на ОН дека „заедно сме во овој процес и заедничка е обврската да работиме во интерес на сите граѓани на земјата, за во духот на Агендата за одржлив развој, никој да не заостане.”

Премиерот Спасовски се заблагодари за континуираната добра соработка на нашата држава со ОН и со канцеларијата во Скопје.

„Сите капацитети и ресурси, како држава, ќе ги насочиме, да излеземе победници во оваа битка. Нашиот врвен приоритет е да го заштитиме здравјето на граѓаните и да обезбедиме функционалност на здравствениот систем. За таа цел напорите се фокусирани кон целосна поддршка на медицинскиот персонал, кон добрата организација, за што е формиран и Главен координативен штаб каде се споделуваат потребните информации од надлежните институции и се разгледуваат искуствата од државите во светот, со цел ефикасни владини одлуки и кон добар третман на луѓето носители на вирусот. Важно е и одржувањето на економијата. Затоа, сите мерки што ги носиме се кон реализацијата на овие две цели. Ги покренавме внатрешните капацитети, а секако дека е добредојдена и помошта од нашите пријатели од надвор, за што сме благодарни, на ЕУ, на другите земји со коишто е воспоставена соработката и секако тука изразувам благодарност и на ОН“, рече премиерот Спасовски.

На состанокот беше разговарано за помошта и поддршката што се важни за непречена работа на полицијата и на другите служби, вклучени во справувањето со ситуацијата со коронавирусот. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*