Home / Економија / Стопанска банка Битола со добивка од 2.6 милиони евра во 2014 година

Стопанска банка Битола со добивка од 2.6 милиони евра во 2014 година

Стопанска банка а.д. Битола во периодот 01.01-31.12.2014 година, оствари позитивен финансиски резултат односно добивка во износ од 159,73 милиони денари што во против вредност изнесува нешто повеќе од 2.6 милиони евра .
Ваквиот резултат се должи на повеќе фактори. Имено, нето приходите од камати се поголеми во однос на 2013 за 279,36 милиони денари. Во истиот период се зголемени и приходите од наплатените претходно отпишани побарувања по камати согласно склучен договор за порамнување на парична обврска во вредност од 4 милиони евра.

Зголемениот број на клиенти, зголемениот обем на кредитни работи и работи во платниот промет, како и доброто управување со трошоците, позитивно се одразија врз нето приходите од провизии и надоместоци така што истите се зголемени за 10,99% во однос на 2013 година.

Исто така, нето-приходите од курсни разлики регистрираат раст во износ од 12,87 милиони денари и истите се повисоки од остварувањето во 2013 година за 70,03%.

Останатите приходи од дејноста се повеќе од два пати повисоки од реализираните во 2013 година што главно се должи на остварени капитални добивки од продажба на дел од преземениот имот. Во оваа позиција се вклучени и приходите од вложувањата во удели во инвестициски фондови како попрофитабилна алтернатива споредено со вложувањата во долгорочни државни хартии од вредност.

По тој основ, Банката во 2014 година оствари приход во износ од 1,46 милиони денари.
Зголемениот обем на работа, проширувањето на мрежата на екпозитури и АТМ уреди, како и зголемениот број на вработени, според менаџментот на банката резултираше и со зголемување на трошоците за вработени од 15,08%.

И покрaј неутралниот ефект врз финансискиот резултат, од Банката истакнуваат дека во последниот квартал од 2014 година Банката извршен е отпис на дел од нефунционалните кредити во вкупен износ од 116,00 милиони денари што придонело за значително подобрување на квалитативната структура на кредитното портфолио.

Исполнувањето на планот во делот на вкупна актива изнесуваше 104,87%, бруто кредитите на нефинансиски субјекти беа остварени со 97,86%, а вкупните депозити го надминаа планот за 9,72%. Планот во делот на капитал и резерви беше остварен со 95,14% што придонесе стапката на адекватност на капиталот заклучно со 31.12.2014 година да изнесува 20,20%.

Следствено на остварувањата во однос на планот кај позициите од Билансот на состојба, финансискиот резултат на Банката беше поголем од планираниот за 38,61 милиони денари односно за 27,76%.
Уверувањето на менаџментот на Стопанска банка Битола е дека и во идниот период ќе продолжи со активностите за наплата на нефункционални кредити, продажба на преземениот имот и контрола на трошоците, а во исто време ќе настојува преку понуда на конкурентни производи и услуги во целост да одговори на потребите на клиентите.
Најавите од Банката се дека во 2015 година очекуваат позначајно зголемување на нето приходите од камати и провизии со што би се создале услови за остварување на уште поголема добивка, резултат што секако ќе ги радува како вработените така и акционерите на банката.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*