Home / Економија / Стопанството бара брзо разрешување на состојбата со најмали последици

Стопанството бара брзо разрешување на состојбата со најмали последици

Актуелната стостојба во Македонија има негативно влијание во економијата, особено во личната потрошувачка. Бизнис заедницата очекува таа да се разреши што е можно побрзо и да не се остварат најавите за можно зголемување на каматните стапки кое дополнително ќе има негативно влијание.

Ова го истакна извршниот директор на Сојузот на стопански комори на Македонија Митко Алексов денеска одговорајќи на новинарски прашања пред почетокот на презентацијата на презентацијата на кредитите за поддршка на микро, малите и средните компании, организирана од ССК во соработка со Бизнис центарот на Скопскиот плански регион.
– Врз основа на информациите од нашите членки, ССК излезе со став дека состојбата е деликатна во овој момент и што е најважно таа треба да се разреши што е можно побрзо со најмали последици. Негативно влијае пред се е евидентно на намалената лична потрошувачка, особено за трајни потрошни добра и има ризици кои ги детектираат комерцијалните банки и може да дојде до поголема рестриктивност во нивната кредитна политика. Така што сите фактори негативно влијаат и  се поскапува производството, изјави Алексов.
Тој додаде дека очекуваат предвидениот раст на економијата од 4 проценти да се оствари, меѓутоа додава дека треба да се земе предвид со одредена резерва бидејќи треба да се види како ќе се развиваат понатаму состојбите во земјата.
Според него, актуелната состојба може да влијае и на кредитирањето на претпријатијата.
– Континуирано во последните две години имаме раст на кредитирањето. Тоа е позитивен тренд. Очекувавме дека овој позитивен тренд ќе продолжи и годинава, меѓутоа со оглед на последните случувања ќе видиме како ќе биде развојот во тој сегмент и какви ќе бидат сигналите на комерцијалните банки, рече Алексов.
Посочи дека зголемувањето на каматните стапки е лош сигнал и лошо ќе влијае на работењето на компаниите. Очекува тој негативен тренд да не се случи, но доколку дојде до такво нешто бизнис заедницата очекува да не биде нешто драстично, туку во поднослива мерка.
– Без поддршка на финансискиот сектор, односно  зголемено кредитирање тешко може да функционира стопанството и компаниите и тоа може да влијае лошо,  а тоа негативно ќе влијае на сите четири агрегати на БДП, истакна Алексов и додаде дека никогаш не може да се каже оти  финансирањето на малите и средните претпријатија е доволно.
Малите и средните претпријатија, како што вели, постојано имаат потреба за зголемено финансирање од аспект на остварување на плановите за развој, раст и инвестиции на малите и средни претпријатија. Без финансии тоа не можат да го направат.
Зоран Кимов, од Капитал банка посочи дека во последните три години има континуиран раст на поддршката на овие претпријатија и оти кредитното портфолио е зголемено тројно што покажува дека таа е на задоволително ниво.
Најмногу пари, како што рече тој, во последниот период најмногу бара градежниот сектор.

 

Извор: Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*