Home / Вести / Тони Коњановски:Би се согласил и со “ Широка коалиција “ доколку советниците прифатат да работаат во интерес на Битола

Тони Коњановски:Би се согласил и со “ Широка коалиција “ доколку советниците прифатат да работаат во интерес на Битола

           

            Во врска со вчерашните случувања во Советот на Битола и ново создаденото мнозинство од партиите на СДСМ, Поинаку и Левица, како и  донесената одлука за разрешување на Управните и Надзорните одбори на 6-те јавни претпријатија, прес конференција одржа градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

-Вчерашната седница на Советот, е уште една потврда за кочниците и блокадите кои што ги прави претседателката на Советот, на штета на општина Битола и нашите сограѓани. Вакво незаконско работење, во досегашниот период не покажал ниту еден претседател на Советот на општина Битола, истовремено покажувајќи непочитување на законските прописи, Деловникот за работа, а со тоа нанесувајќи негативни последици на напредокот на Битола, изјави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и додаде:

            -Вчера имавме ситуација во која, спротивно на Законот за јавни претпријатија на дневен ред се поставија точки со кои советниците од СДСМ, Поинаку и Левица, изгласаа разрешување на Управните и Надзорните одбори и сосема спротивно на Законот за јавни претпријатија, неосновано, популистички најавија граѓански управни тела.

            Врз основа на член 71 став 1 од Законот за инспекциски надзор, а во врска со член 69 став 1 од Законот за локална самоуправа, ќе поднесам иницијатива до Државниот инспекторат за локална самоуправа за да изврши вонреден инспекциски надзор над работата на Советот на општина Битола во вршењето на неговата надлежност од член 22 точка 32 од Статутот на општина Битола, според која, Советот на општината именува членови во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија и јавните установи што ги основа и при именувањето на нови им престанува мандатот на дотогашните членови на Управните и Надзорните одбори.

Тоа значи, дека Советот не може само да ги разреши сите членови на Управните и Надзорните одбори, без истовремено да именува нови, како што тоа беше направено на вчерашната седница, бидејќи тоа не е статутарно, а воедно на таков начин се доведува во прашање работата на јавните претпријатија без органи на управување и надзор. Притоа, прекршена е и одредбата од член 17 ѓ од Законот за јавните претпријатија, во која што е утврдено во точно кои случаи може да бидат разрешени членовите на Управните и Надзорните одбори на јавните претпријатија. Поради тоа, спорните решенија за разрешување на Управните и Надзорните одбори на јавните претпријатија, кои што беа донесени на вчерашната седница на Советот на општина Битола, нема да бидат објавени во „Службен гласник на општина Битола“, се додека не биде спроведена и правосилно завршена постапката по иницијативата за вонреден инспекциски надзор.Граѓаните знаат што значат ваквите постапки кои се наложени од постапувањето на претседателката Илиевска: потрошено време низ институционално докажување и индиректен притисок врз нормалното функционирање на јавните претпријатија. Тоа е и целта на новата коалиција, која сакајќи да ме деградира, манипулира со јавноста.

За мојата работа и успешноста на локалната самоуправа потврдуваат проектите кои ги завршивме минатата и оние на кои работиме оваа година.Очигледно на оние кои не сработиле ништо изминатите 4 години и оние кои се научени само да негодуваат, независно од која политичка опција доаѓа градоначалникот, работењето не им одговара.  Нема да дозволам, високите партиски амбиции на поединци или нечии пазарења и договарања, да и наштетат на Битола.Продолжуваме со реализација на усвоените годишни програми и во мојот мандат ќе направам се, Битола да има подобри инфраструктурни услови, подобри услови за младите, развој на спортот, културата и се она што е во надлежност на локалната самоуправа и директно зависи од мојата работа, изјави Коњановски.

На новинарско прашање како во иднина ќе функцинира Советот, Коњановски истакна дека тој е секогаш отворен за соработка со сите советники групи, па и со советниците на Поинаку, но под услов тие да се заинтересирани да работаат во интерес на градот и граѓаните.

Коњановски нагласи дека советницте на Поинаку многу повеќе милуваат да критикуваат и снимаат видео клипови, отколку да работаат.

Тие тоа го докажаа со тоа што иако им беше понудено не прифатија да водат ни едно јавно претпријатие, изјави  на прес конференцијата, Тони Коњановски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*