Home / Колумни / Весник, кој има само ден на раѓање

Весник, кој има само ден на раѓање

               

Пред секој нов роденден на Битолски весник, постојано се прашувам што да напишам, што не е напишано, што да кажам, а да не е кажано, и со каква  роденденска желба да го дочекаме новиот роденден на Весникот, кој за 2 дена, поточно петок,  на 29 април, ќе почна да ја одбројува 59-та година од излегувањето на првиот број.

За Битолски весник многумина рекле дека е Светилник, не само на  Битолското, туку и на Македонското печатено новинарство, некои велат дека тој е Битолски Пиреј, има  голем број  кои сметаат дека  Битолски весник е првиот буквар на битолчани, за некои битолчани, Битолски весник е  колективна меморија на  градот, а не е мал бројот на тие кои мислат дека Весникот е сведок и хроничар на Битола, заштитен знак на  градот,  вистински бренд на Битола, кој  цели 59 години ја испишува историјата на градот и кој има само ден на раѓање.

За Битолски весник, кој за два дена ќе навлезе во 59 година од излегувањето на првиот број, кажани и напишани се уште многу други епитети.

Во една прилика, пред одбележувањето на 50-тиот роденден на Весникот,  една  позната битолска  новинарка, која како и многумина други пред неколку години го напушти новинарството ми постави  чудно прашање: Каква ќе беше Битола, без Битолски весник.

Искрен да бидам таквото прашање ме збуни, бидејќи одговорот не само јас, туку и многу други најверојатно тешко можат да го дадат.

За другите не знам и не се трудам да дознаам, бидејќи Битола во блиското минато остана  без Радио Битола, но за тоа никој не го заболи главата.

На ова прашање  и тогаш  останав без одговор и сега пред новиот 59 -ти роденден одговорот   не можам да го најдам.

Битолчани кои толку многу се гордеат со градот, со своите кусогледи политики кон иднината, во изминатите години  покрај без  Радио Битола останаа и без неколку локални медиуми: ТВ Меди, ТВ Мега, ТВ Орбис, Радио Делфин, весниците Его, Инфо Магазин, Зелена Берза, Без Навреда… па за тоа никој не го заболе  главата.

Пред неколку месеци Битола без никаква реакција се “прости “ и со Радио 105 “Бомбардер “ па ни за згаснувањето на тоа култно локално радио, кое  24 часа ги радуваше битолчани, никој не кажа ни збор.

Не само за згаснувањето на овие медиуми, туку и за заминувањето на над 130 новинари и медиусмки работници кои пред тоа работеа во нив, во Битола  никој никогаш не праша кои се причините за тоа и зошто новинарството во Битола, некогаш  толку многу почитувана и посакувана  професија, се доведе да биде на  дното, за која не само што не вреди да се зборува,  туку нема ни кој да пишува.

Како што некои мои лекари пријатели велат дека поради масовното заминување на лекарите во странство, ќе дојде време кога во Битола не само што ќе нема кој да ги лечи болните, туку и лекарите, така и медиумите се доведоа во ситуација освем на Фејсбук,  да нема кој да напише нешто за нив, за нивите маки и тешкотии. па дури ни тогаш кога ќе почине некој од нив.

Пред тоа не само  на битолчани, туку и на никој во државата око не му трепна за згаснувањето и на сите локални печатени медиуми: Народен Глас од Прилеп, Кумановски весник, Полог -Тетово, Актуелности Кочани, Вардарски глас, Штипски весник… над 60 печатени медиуми меѓу кои Дневник, Утрински Весник, Вест, Независен, Дело, Шпиц,  Македонија Денес,неделникот Денес, Време, Неделно Време, Студенетски збор…

 Оттаму, ниту тогаш, кога почитуваната колешка, некогаш позната и призната во Битола и пошироко ми го постави прашањето каква би била Битола без Битолски весник, ниту сега  имам одговор.

  Познавајки го менатлитетот на битолчани, кои најчесто својата среќа ја градат на туѓата нереќа, најверојатно добар дел од нив  како за згаснувањето на другите медиуми, така и за Битолски весник би рекле: Време му беше да згасни, Арно му се стори!.

Но  лично јас,  кој  првиот текст во Битолски весник го напишав пред 51 година, во  далечната 1971 години и кој над  три децении е на чело на Весникот не можам да се замислам себеси без да го имам Битолски весник во среда во своите раце. Таа печатарска боја мене сеуште ме прави весел и среќен.

Тоа што уште повеќе ме радува е што таа љубов кон печатарската боја,  радост и среќа кон Весникот  не ја гледам само кај мене, туку и кај екипата која  сега го подготвува Весникот,   и кај илјадници наши верни читатели и кај некои наши децениски спонзори.

За разлика од некои, кои во настојувањето да го згаснат Битолски весник, се водеа  од омразата и  користејќи ги полугите на власта и моќта, се правеа да го  спречат опстанокот на Весникот, нас во опстојувањето на Битолски весник секогаш  не водеше и не  води љубовта.И за нивна жал  во сите тие многу пати нерамноправни, некогаш дури и изгубени битки, постојано ние победуваме.

Победувавме  дури и тогаш кога тие и многу како нив ни го посакуваа и гледаа крајот.

 Но ние   останувавме и опстануваме  секогаш Простум.

Останавме и опстанавме дури и тогаш кога  од страна на некои политичари секоја недела ни беа делени “воспитни мерки”, кога ни беа  врбувани вработени и ни правеа “конкуренција” со поддршка  за излегување на  нови  весници и медиуми, кога со цел да не дисциплинираат  ни беа прекинувани договорите за соработак, кога ни беа испраќани директиви до фирмите да  ја прекинат соработката со Весникот, кога претходната локална самоуправа,или не ни плаќаше ништо, или  ни плаќаше  само по 4 денари за  објавување соопштенија и “реклами”, кога  од  некои општински “експерти”  бевме “ добронамерно советувани “ да го згасниме Весникот, бидејќи  тоа било тренд во светот и дека на печатените медиуми им дошол крајот…

 Во случајот со Битолски весник, како и во многу други случаи се покажа дека љубовта најчесто ја победува омразата.Додека некои од нив ги водеше омразата кон Битолски весник, нас и сега, како и луѓето кои на 29 април 1964 година го подготвија и отпечатија првиот број. не води љубовта кон Весникот.

Среќни сме што таа љубов кон Весникот  ја гледаме и кај одреден број битолчани и наши децениски спонзори кои и во моментите кога ним им е тешко, најдуваат начин и средства да ни помогнат.

Среќни сме што  таа љубов кон Битолски весник ја пренесовме и во други градови, кај други  луѓе кои живеат и работаат надвор од Битола, а кој го сакаат и почитуваат Весникот како нас.

        Токму заради таквите луѓе и нашите бројни  читатели вреди човек да се жртвува да остани и опстани Весникот кој е најдобриот сведок на  историјата на Битола, која никој не можи да ја прекројува.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*