Home / Економија / Владата бара двајца економски промотори во САД и Канада

Владата бара двајца економски промотори во САД и Канада

Владата преку Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот објави оглас за двајца економски промотори во Индијанаполис во САД и Монтреал во Канада.

Заинтересираните кандидати треба да имаат завршено високо образование, работно искуство од најмалку две години, одлично да го познаваат англискиот јазик, а оние што ќе аплицираат за местото економски промотор во Канада треба да го знаат и францускиот јазик. Кандидатите треба да поседуваат вештини за тимска работа и да се подготвени за темелна посветеност, силен ангажман и предизвици во периодот на спроведување на значајни структурни реформи во земјата и остварување на политиките на Владата на Република Македонија.

Предност ќе имаат оние кандидати кои имаат работно искуство во соодветната земја или го стекнале образованието во таа држава, како и оние што одлично го познаваат официјалниот или деловниот, односно еден од јазиците од говорното подрачје на земјите за која аплицираат.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев денеска изјави дека целта на Владата е да се изберат најспособните и најквалитетните кандидати и да им се даде шанса и можност да учествуваат во економскиот развој на Македонија, во отворањето на нови фабрики и на нови работни места.

– Повикот е отворен за секого. Единствен критериум за избор ќе биде севкупниот квалитет кој ќе го покаже кандидатот, неговата способност за работа, иницијативноста, идеите кои ги има, како и способноста да го промовира производот кој го нуди нашата земја, кој во оваа смисла се најниските трошоци и пакетот на поволности за отворање и водење бизнис во Македонија. По собраните поднесоци и нивната обработка, ќе следуваат и непосредни интервјуа со кандидатите и преку фазите на селекција ќе бидат избрани најдобрите кандидати, истакна Ѓорѓиев.

Во огласот се нагласува дека сите кандидати имаат еднакви шанси да бидат избрани.

Кандидатите задолжително треба да се достават м отивациско писмо со максимум 500 зборови, како и  кратка биографија на е-маил адресата економски_промоторЖинвестинмацедониа.цом или на адресата на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на ул. „Никола Вапцаров“ бр.7, 1000 Скопје.

Рокот за пријавување е до 19 јуни годинава.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*