Home / Вести / Владата усвои нови антикризни мерки за рационализација на трошоци во јавниот сектор.

Владата усвои нови антикризни мерки за рационализација на трошоци во јавниот сектор.

Со овие мерки сите буџетски корисници и единки корисници се задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10% и да достават соодветен предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии најдоцна до 21 март.

Мерките за рационализација забрануваат започнување на нови постапки за набавка на мебел и возила, освен за неопходните активности за работењето на институцијата по претходна согласност од Владата.

Владата ги задолжи сите буџетски корисници и правни лица основани од државата, за 50% да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користење на службените возила задолжително.

Сите буџетски корисници и единки корисници добија задолжение да го намалат бројот на службени патувања и значително да се намали бројот на членови на делегации при патувања во странство.
Владата ги задолжи јавните претпријатија и АД во државна сопственост да ги намалат тековните расходи за 15% и за тоа да ја известат Владата во рок од 15 дена. Согласно оваа мерка, јавните претпријатија основани од државата и АД во државна сопственост треба ги преработат своите финансиски планови и инвестициони програми и да ја информираат Владата во рок од 15 дена.

Владата им препорачува на регулаторните тела, на единиците на локалната самоуправа, локалните јавни претпријатија и останатите установи кои се под надлежност на општините, да ги следат донесените владини мерки и да преземат активности за рационализација на нивните расходи.

Буџетските корисници и единките корисници со овие мерки се задолжени до крајот на 2022 година, а на општините, јавните претпријатија, регулаторните тела, АД во државна сопственост и останатите субјекти во јавен сектор им се препорачува да ги почитуваат донесените антикризни мерки и да се воздржат од помалку суштинските расходи.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потенцијалните сместувачки капацитети на државните органи за прифаќање на лица од бегалска криза предизвикана од воените дејствија во Украина.

Владата ги задолжи Министерството за надворешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги продолжат активностите поврзани со утврдување на капацитетите за сместување и да ги подготват сите активности за организирано прифаќање и згрижување на лицата кои ќе пристигнат во земјата како резултат на бегалската криза заради војната во Украина.

На оваа своја седница Владата ја донесе Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата.

Оваа Уредба е донесена врз основа на Законот за употреба на јазиците, каде што според член 8 став (3) е утврдено дека униформите на полицијата во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Северна Македонија и неговото писмо.

Оваа Уредба влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува во текот на една година од денот на влегувањето во сила.

На денешната седница Владата, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ја донесе Програмата за спроведување на интервентен фонд во земјоделството.

Буџетските средства за оваа програма во висина од 250.000.000 денари се предвидени во буџетот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и се наменети за интервентни мерки за финансиска поддршка во земјоделството за ублажување на последици предизвикани од зголемувањето на производните трошоци за производство на земјоделски култури во поледелското производство и за поддршка за сточарството.

Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа и 29-та тематска седница на која ги разгледа и усвои годишнините програми за работа и финансиските планови за 2022 година на јавните претпријатија, на агенциите, на акционерските друштва во државна сопственост и на другите служби и институции во надлежност на Владата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*