Home / Македонија / Владата во кампања за здрава храна и здрав начин на живот

Владата во кампања за здрава храна и здрав начин на живот

Под мотото „Здравјето е избор! Здрава храна и здрав начин на живот значат долг живот!” Владата ја започна кампањата за подигнување на јавната свест за корисноста од здравата исхрана и здравиот начин на живот, како и применување на физичка активност.

Премиерот Никола Груевски истакна дека преку оваа кампања, Владата сака да ја подигне свеста кај луѓето на повисоко ниво и додаде дека во Македонија има доволен избор на здрава храна која му е потребна на организмот, а може и да се спортува без поголеми трошоци.

– Целта на кампањата е со едукативен пристап да се влијае сите ние да се заштитиме од загрозување на здравјето, да си помогнеме себеси на нашите семејства и нашето општество. Сите светски статистики, мислења и испитувања водат кон еден заклучок кој вели дека доколку се употребува здрава храна и доколку постои редовна физичка активност тогаш секој човек би бил оправдано да очекува подолго да живее, истакна Груевски. Тој посочи дека оваа кампања не е изолирана активност на Владата, туку напротив е надополна на сеопфатниот системски пристап кој го применува во оваа сфера со активности и реформи што се спроведуваат на секое ниво.
– Кампањата има благородна цел да се помогне, да се споделат фактите, да се советува за можностите да се насочат луѓето кон здравата храна, да се изгради култура кон исхраната, да се мотивира физичката активност и здравиот начин на живот и тоа се со единствена цел – да се заштити животот на луѓето, бидејќи здравата исхрана е пресудна за добро здравје, потенцираше Груевски.
Прецизира дека здравата исхрана се состои од зеленчук, со исклучок на компир, овошје, целозрнести житарки и здрави протеини. Притоа, како што кажа, овошјето и зеленчукот би требало да сочинуваат половина од внес на храна и треба да бидат разновидни и разнобојни, една четвртина од дневната храна треба да отпаѓа на целозрнести житарки и производи добиени од нив, а последната четвртина би требало да им припадне на здравите протеини како што се грав, соја, леќа, боранија, јаткасти плодови, риба и пилешко месо.
Здравата храна, додаде премиерот, треба да биде комбинирана со редовна физичка активност преку која може да се намали стапката на малигните заболувања до 60 отсто, на срцевите заболувања до 80 и на дијабетот до 90 отсто.
– Искуствата и анализите покажуваат дека редовната физичка активност, употребата на здравата и избегнувањето на употребата на нездравата храна не само што не го зголемуваат семејниот буџет за исхрана, туку може и да го намалат. Не е се до парите, до свеста е, а свеста ние сакаме да ја подигнеме на повисоко ниво и тоа е целта на оваа кампања, нагласи Груевски, додавајќи дека ваков вид кампања веќе триесетина години се води во Финска, а пораки за здрава исхрана во САД се емитираат уште од 1956 година.
Тој посочи дека во Македонија е се поприсутен глобалниот проблем со зголемена телесна тежина и прекумерна телесна тежина- дебелина.
– Се проценува дека во светски рамки зголемената и прекумерната телесна тежина се причина за 3,4 милиони умирања, а сочинуваат 3,9 отсто од вкупно изгубените години на животот и 3,8 отсто на годините на живот со инвалидитет, рече Груевски.
Нагласи дека податоците од Министерството за здравство покажуваат оти 60,5 проценти од мажите и 47,8 проценти од жените на возраст од 20 години или 52,8 од вкупното население во Македонија има зголемена или прекумерна телесна тежина, а околу 20 отсто од возрасните во државата се со прекумерна телесна тежина.
– Загрижувачки е и трендот кај децата. Според податоците од Министерството една третина од децата на возраст од 6 до 7 години се со зголемена или прекумерна телесна тежина, а 13 отсто се со прекумерна телесна тежина. Главна причина за тоа е употребата на брзата храна, рече Груевски.
Министерот за здравство Никола Тодоров, потенцира дека кампањата ќе придонесе за унапредување на јавното здравје и додаде дека дебелината кај децата предизвикува најразлични деформитети и е основна причина за појава на дијабет тип два. Очекува со спроведување на оваа кампања дополнително да се придонесе за подобро здравје кај граѓаните.

Кампањата што ја спроведува Владата чини 456.117 евра без вклучен ддв и во неа се опфатени идејни решенија на знак и лого, изработка на ТВ и радио спотови, принт огласи и адаптација за внатрешно и надворешно рекламирање преку билборди, мегалајти, автобуси. Покрај тоа, предвидува изработка на веб банери, осмислување на стратегија за нејзина промоција, подготовка и реализација на медија план и закуп на медиумски простор.

Идејните решенија се на повеќе понудувачи и тоа Медија вижн, Аквариус дизајн, Актива Интерконс и Трето уво, а медија планот ќе го реализира маркетинг агенцијата Њу момент њу ајдиас компани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*