Don't Miss
Home / Економија / Зголемена кредитната активност на Стопанска банка АД Битола

Зголемена кредитната активност на Стопанска банка АД Битола

Стопанска банка а.д. Битола во првата половина од 2014 година оствари раст од 33,05 отсто на нето-приходите од камати споредено со истиот период од претходната година. При тоа приходите од камати се зголемени за 19,49 отсто, а расходите за камати се повисоки за 3,07 отсто.

Ваквото остварување, пред се, е резултат на зголеменото кредитно бруто-портфолио и подобрената квалитативна структура на кредитите по наплатата на дел од нефункционалните кредити. Значајно е што и покрај зголемената кредитна активност, стапката на адекватност на капиталот со состојба на 30.6.2014 година изнесува 21,68 отсто, што е повисок процент од законски пропишаниот минимум од 8 отсто, пишува во финансискиот извештај на банката објавен на Македонската берза.

Зголемениот обем на кредитни работи и работи во платниот промет, како и доброто управување со трошоците, позитивно се одразија врз нето-приходите од провизии и надоместоци така што се зголемени за 15,05 отсто споредено со првата половина од претходната година.

Другите приходи од дејноста се речиси шестпати повисоки од лани, што главно се должи на капитални добивки од продажба на дел од преземениот имот. Нето-приходите од курсни разлики се поголеми за 75,64 отсто.
Следствено на зголемениот обем на работа и зголемениот број вработени, трошоците за вработените бележат годишен пораст од 10,34 отсто. Амортизацијата и другите расходи од дејноста се зголемени за 18,88 отсто и 5,99 отсто, соодветно, Финансискиот резултат на банката за првите шест месеци од годинава, пред исправка на вредност на финансиските средства и загуба за оштетување на нефинансиските средства, е позитивен и изнесува 69,53 милиони денари, што претставува значајно подобрување во споредба со истиот период минатата година, кога финансискиот резултат пред исправка на вредноста и загуба за оштетување беше негативен и изнесуваше 7,33 милиони денари.

– И покрај позитивните трендови во работењето, во првата половина од 2014 година, банката издвои загуба поради оштетување на нефинансиските средства од 121,92 милион денари согласно Одлуката од НБРМ за сметководствениот и регулаторниот третман на средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања. Издвоената исправка на вредност на финансиските средства изнесува 7,70 милиони денари.

Следствено на претходно кажаното, финансискиот резултат за периодот 1.1-30.6.2014 година, по исправки на вредност и загуби за оштетување, е негативен и изнесува 60,08 милиони денари – соопшти банката.

Во контекст на подобрувањето на финансиските резултати, банката ќе продолжи со преземање соодветни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити, продажба на преземениот имот и контрола на трошоците. Во извештајот се вели дека банката и во идниот период ќе настојува да го одржи трендот на раст на нето-приходите од камати и провизии со што би се создале услови за уште позначајно подобрување на финансискиот резултат и покрај неповолната економска состојба во земјата и светот како последица на светската финансиска криза.

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*