Don't Miss
Home / Uncategorized / ЕСМ ќе инвестира 300 милиони евра во еколошки проекти во РЕК “ Битола “

ЕСМ ќе инвестира 300 милиони евра во еколошки проекти во РЕК “ Битола “

Денеска во Новаци се одржа јавна расправа во врска со Нацрт А – Дозволата за усогласување со оперативен план која на 23 декември беше презентирана и  објавена на официјалната веб – страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.

 Во присуство на директорот на АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола, Златко Ќурчиевски, претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, градоначалниците на Општините Битола, Новаци и Могила, невладини организации и  медиуми, сите засегнати страни имаа можност да се запознаат со Нацрт А дозволата за усогласување со оперативниот план и да дадат свои забелешки, сугестии и коментари кај одговорните во ресорното Министерство.

         Беса Татеши, советник за индустриско загадување при Министерството за животна средина нагласи дека ја согласно Законот за животна средина и постојната процедура за издавање дозволи, јавната расправа има за цел да ја вклучи јавноста и сите засегнати страни во дефинирањето на конечната содржина на А интергираната дозвола за усогласување со оперативниот план.

          -Денеска, сите засегнати страни ќе имаат можност да дадат инклузивност на процесот и да дадат свои коментари и забелешки на на овој нацрт документ-рече Татеши, и подвлече дека сите забелешки што ќе произлезат од денешната расправа ќе бидат разгледани од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Исклучително сум задоволен затоа што сме на прагот на добивање на А дозвола за усогласување со оперативниот план. Јавноста знае дека постапката за добивање А дозвола почнаво далечната 2007 година и согласно тогашната законска регулатива требаше да биде завршена во 2014 година. Меѓутоа, за жал, тие проектирани желби останаа само на хартија бидејќи буквално ниту една од предвидените активности не беше реализиранаво тој период. Со промената на раководството во АД ЕСМ и РЕК Битола во 2018 година, веднаш ја реактивиравме постапката, почнавме преговори со Министерството за животна средина, го усогласивме оперативниот план во текот на 2019 година, за денеска конечно да се најдеме пред одржување на јавна расправа на којашто ќе учествуваат сите релевантни институции и фактори. На крајот,би сакал да потенцирам дека овој процес треба да заврши во 2026 година, при што АД ЕСМ ќе инвестира над 300 милиони евра за подобрување на еколошките перформанси на производниот процес во РЕК Битола, за доброто на сите засегнати страни, но пред се за доброто на граѓаните на општините Битола, Новаци и Могила- изјави Златко Ќурчиевски, директор на РЕК Битола пред почетокот на јавната расправа.

           За потсетување, засегнатата јавност, и во изминатите две недели, имаше право да достави мислења и коментари во писмена форма до Министерството за животна средина и просторно планирање. Објавата на Нацрт А – Дозволата за усогласување со оперативен план е плод на динамични и содржајни преговори помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и РЕК Битола. Оперативниот план содржи редица на мерки и активности кои РЕК Битола се обврзува да ги исполни во даден временски период, со цел производството на електрична енергија да биде во согласност со еколошките стандарди на Европската Унија.

         Документот  е уште еден показател за решителноста на раководствата  на АД ЕСМ и на Подружницата РЕК Битола, а со тоа и Владата на Република Северна Македонија  систематски чекори во борбата за чиста животна средина.  Инаку, апликацијата за добивање на А – Интегрирана еколошка довола, РЕК Битола ја испрати до Министерството за животна средина и просторно планирање во ноември 2007 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*