Don't Miss
Home / Вести / Лажни крокодилски солзи за битолските медиуми

Лажни крокодилски солзи за битолските медиуми

Во овие денови, кога сите бараат чаре за спас од последиците од пандемијата и кога Владата во три наврати носи пакет мерки за спас на фирмите од речиси сите области, само за медиумите никој не покажува ни желба ни волја да им помогне.

Иако во бројни наврати се посочува дека во времето на пандемијата покрај здравствените работници и медиумите биле на браникот на борбата со корона вирусот, први кои настрадаа по пандемијата беа медиумите.

Голем број институции, компании и фирми ги прекинаа сите издвојувања за медиумите со образложение дека се погодени од корона заразата, а некои од нив вишокот на средства ги насочија кон здравството.

Ако се знае дека и Општината Битола оддамна не издвојува речиси никакви средства за помош и на медиумите, повеке од јасно е дека тие се оставени на милост и немилост самите да се снаоѓаат како да преживеат.

Навистина крајно лицемерно и неморално е медиумите да објавуваат бесплатни текстови соопштенија за дарежливоста на некои институции и наводната нивна голема општествена одговорност, а за медиумите никој да не покажува никаков интерес и да ги праша како преживуваат во овие услови на пандемија.

Едноставно се добива впечаток дека, освем некои исклучоци како никој во Општината Битола да не е заинтересиран за опстанокот на медиумите во овој град и дека некои како да им го посакуваат нивниот крај и во иднина информирањето во Битола искучиво да се одвива на нивните фејсбук профили.

Навистина делува крајно цинично постојано да се апострофира значењето на медиумите за информирањето на граѓаните во градот и транспарентноста на Општината, а притоа воопшто да се нема разбирање и сенс за проблемите со кои се соочуваат медиумите кои едвај преживуваат и кои во изминатите неколку години ги напуштија дури над стотина вработени.

Во блиското минато во Битола, во медиумите Радио Битола, Битолски весник, ТВ Тера, ТВ Орбис, ТВ Меди, ТВ Мега, Радио Б-97, 105, 106, Делфин, дописништвата на Нова Македонија, МРТВ, Радио Скопје, Вечер… работеа над сто и пеесает новинари и медиумски работници, а денес во Битола бројот кои се новинари и кои изигруваат новинари можат да се избројат на прсти и изнесува само неколкумина. Но и за нив нема решение и најчесто најголемиот број од нив работаат или бесплатно или за ситни пари, кои не им стигаат да закрпат ни (пот)просечна плата.

Ваков егзодус каков што му се случи на битолското новинарство не се има случено во ниту една друга област.

Но тоа изгледа никој не го тангира или допира во Битола.

Во таков случај навистина делува иронично кога некои луѓе од политичкиот живот леат крокодилски солзи за за наводното огромно значење што го имале медиумите во информирањето на јавноста во Битола и пошироко.

Ако се мисли дека само со неколку згрижени портпароли навремено, точно и вистински ќе се информира битолската и пошироката јавност тоа е голема заблуда.

Со ваквиот однос кон медиумите му се отвора патот на самонарачаните “новинари“ и “уредници“ од социјалните мрежи кои во јавноста пласираат тоа што им одговара.

Навистина жалосно и срамно е град како Битола со буџет од 25 милиони евра да нема изграден однос кон локалните медиуми и нив да ги третира како да се последната дупка на свиралото и тие да свират како што им се кажува и тоа најчесто бесплатно.

Во таква ситуација најдобро е барем во иднина да не се потенцира улогата на медиумите во инфрмирањето на јавноста и тие да се остават како знаат и умеат самите да се снаоѓаат па кој ќе преживее ќе зборува, а јавноста во Битола исклучивио да се информира како се трошат народните милиони евра исклучиво преку соопштенијата на платените портпароли и нивните фејсбук профили.

Или пак некому му одговара медиумите во Битола да пропаднат и исчезнат од медиумсската сцена и тогаш тие преку своите фејзбук профили и поддржувачи да ја пласираат и шират својата наводна успешност и посветност за решавање на проблемите во Битола.

Од таква транспарнетност никој нема да има корист, а најмалку граѓаните па ни тие кои тоа го посакуваат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*