Don't Miss
Home / Колумни / Кусурџии

Кусурџии

                                     

Во моментот кога Македонија се соочува со најтешката здравствена криза и кога пандемијата со корона вирусот буквално експлодира и секојдневно имаме по стотини инфицирани од ковид 19 и по неколку жртви и кога народот е во колективна депресија, загрижен не само за сопственото, туку и за здравјето на своите најблиски, нашите политичари, кои ја водат, или имаат намера да ја водат државата, се расправаат меѓу себе за тоа кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори.

Откако претседателот на државата, Стево Пендаровски донесе одлука да не прогласува нова вонредна состојба во државата и ги викна двајцата лидери на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски  во вилата Водно да се договорат околу датумот за избори, Македонија е исправена пред дилемата дали изборите ќе се одржат на 5, или на 15 јули.

 Разликата од десетина дена на датумот за  (не)одржување на изборите  не ги приближи ставовите на двајцата лидери, Заев и Мицкоски, околу одредувањето на датумот за изборите.

Додека Заев смета дека  во ситуација кога нема вонредна состојба изборите треба да се одржат на 5 јули, Мицкоски, по долго премислување и размислување одлучи да излезе на изборите, но само под услов  тие да се одржат во средината на месец јули.

-Датумот за изборите не е и не може да биде ниту партиска ниту лична желба, тој е одреден од Уставот и законите.

На Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ здравјето на граѓаните воопшто не им е важно, тоа се само изговори за да нема избори. На средбата кај Пендаровски, Христијан Мицкоски не спомена ниту З од здравје на граѓаните, ниту З од здравство, или здравствена криза.

Граѓаните тоа го знаат. Цели три години ВМРО-ДПМНЕ правеше опструкции, кочници, бојкоти. ВМРО-ДПМНЕ бараше предвремени избори, дадовме предвремени избори. Од декември наваму измислуваат изговори само да ги одложат, затоа што знаат дека граѓаните ќе ги казнат, знаат дека ќе загубат.

Нема веќе бегање, нема одложување. Доста е! Стравот од пораз на изборите не смее да биде причина на било која партија да бојкотира избори, или да бара нивно одложување и со тоа да ги става во опасност и народот и државата. Сите законски и уставни услови за одржување на изборите се исполнети. ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите, кои по закон и устав се на 5 јули. За непостапување по законите следува одговорност, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

          Во сличен стил како  Заев, со ултимативни барања во јавноста се произнесе и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Од почетокот кога стана збор за одложување на изборите главната моја грижа е заштитата на здравјето на граѓаните. Сигурно на Зоран Заев не му е грижа, но има нешто што се вика совест, а јас не сакам да бидам премиер кој ќе знае дека до таму дошол газејќи по жртви и луѓе кои ги загубиле животите поради прифакање на неодговорни политики и игри на очајни политичари.

Но, притоа свесен сум дека на оваа крстосница Македонија има многу погрешни избори, и еден правилен излез. Можеме да чекаме со месеци, што на прва се чини разумен чекор, но вирусот и кризата поврзана со вирусот надополнета со неспособноста на ова раководство на СДСМ ќе го зема својот данок, а тоа ќе значи играње со судбините и на луѓето и коцкање со иднината на државата.

Короната ќе ја победиме заедно, но за да дојдеме до тоа мораме прво да ги победиме на избори. Да го победиме на избори оној вирус кој подеднакво разорно ја разградува државата наречено ова раководство на СДСМ, изјави Христијан Мицкоски.

Иако околу  одредувањето на датумот за изборите се разликуваат во своите изјави двајцата лидери, сепак тоа што им е заедничко е дека изборите мора да се одржат во месец јули, бидејки пандемијата нема намера да си замине со доаѓањето на летните годишни одмори и дека доколку изборите не се одржат наскоро Македонија покрај во здравствена  може да западне и во длабока политичка криза, од која прашање е дали некој ќе ја излекува.

Инаетењето околу одредувањето на датумот за изборите ме потсетува на насловот од филмот  “Кусурџии”

 Како за  одредувањето на датумот за избори десетина дена да станаа непремостлива пречка.

Ако и Заев и Мицкоски се  цврсто убедени во победа и дека изборите мора да се одржат во текот на идниот месец, тогаш најмалку е битно дали тие ќе бидат на 5 или 15 јули.

Политичките партии и особено двјацата лидери мора да ги надминат своите (политички) суети  и  да се договорат околу изборниот ден.

Ден, два или пет… не менува ништо.

Со оглед на тоа што и двјацата во своите изјави искажуваат загрженост за здрвајето на луѓето, овој  (пред)изборен период тие треба да го искористат да ги стават на располагање сите свои човечки капацитети за изработка на цврсти протоколи кои ќе мора да се почитуваат за да се заштитат граѓаните од непредвиливата пандемија.

Во изминатите три месеци Македонија даде премногу жртви  во справувањето со корона вирусот.

Последните импровизации и опуштања ја чинат државата и народот десетици нови жртви.

Овој период мора да се искористи не само за превземање на мерки за заштита на граѓаните, туку и да им се помогне ним да го совладаат стравот со кој седкојенвно се соочуваат по трите месеци живеење со оваа пандемија.

Време за импровизации нема.

Никој нема право да си игра со судбината на граѓаните.

Политичката судбина на било кој политичар најмалку е важна кога е во прашање колективното здравје на народот, кој живее  во буквален карантин веќе неколку месеци.

Депресијата која масовно го инфицира народот веќе станува неподнолсива.

Затоа во наредните денови до изборниот ден двете политички партии, и останатите кои коалицираат во нивните коалиции  не треба исклучиво да бидат преокупирани само со тоа како да го (раз)убедат народот да го придобијат неговиот глас, туку како изборите да ги организираат по сите  здравствени протоколи за зачувавување здравјето на граѓаните.

Во спротивно штетите ќе бидат огромни и по граѓаните и по државата.

Колумната можете да ја пежрочитате во најновиот број на Битолски весник, кој е веќе во продажба

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*