Don't Miss
Home / Вести / Сашо Мијалков осуден на 12 години затвор

Сашо Мијалков осуден на 12 години затвор

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, првообвинетиот Сашо Мијалков, доби затворска казна од 12 години за случајот „Таргет-Тврдина“, што се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од (УБК).

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска е осудена на четири години, откако судот пресуди дека таа ја спровела наредбата на Мијалков, формирала комисија и ја уништила опремата со која нелегално се прислушувало. На тогашниот началник на Петтата управа на МВР, Горан Грујевски, кој заедно со Мијалков учествувал во прислушувањето, му е досудена 15 години. На Никола Бошкоски кој исто така е во бегство му е изречена 15-годишна затворска казна.

Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на Мијалков во УБК, по чија наредба биле уништени системите за следење на комуникациите во МВР доби 6 години.

Меѓу обвинетите за формирање злосторничко здружување беше и Надица Николиќ која доби три години. Владимир Варелов доби условна осуда, 2 години ако направи ново кривично дело во рок од пет години.

Марјан Шумуликовски исто така доби условна осуда, а доколку направи ново кривично дело во рок од пет години ќе има затвор од две години. Силвана Златкова доби условна осуда, две години затвор ако во рок од пет години стори ново кривично дело.

Васил Исакоски – условна осуда, а ако стори ново кривично дело во наредните пет години ќе треба да издржи казна затвор од две години. Валентина Симоновска – условна осуда, со казна затвор од две години доколку обвинетата во наредните пет години стори ново кривично дело.

– Мотивацијата и потребата да се воспостави целосната контрола врз целокупниот општествен живот, доведува до таму да не се прислушува само политичкиот противник, туку се проширува и на соработниците. Поразително е што прислушувањето се вршело од УБК, од системи кои треба да служат да да обезбедат безбедност на граѓаните. Со умисла е оневозможена опремата за прислушување за да не послужат како докази во кривична постапка. Наводите дека не се прислушувало со надворешна опрема, немаат докази. Оваа кривична постапка треба да биде опомена и порака за институциите да воспостават контрола, за да нема вакви размери за злоупотреба. Доколку имало вакви механизми за контрола, нема да има злоупотреба од волкави размери. Судот со сиот респект на одбраната, актот за помилување нема правно дејство – рече судијата Владимир Туфегџиќ.

„Судот се увери дека незаконитото прислушување и следењето на комуникациите е направено преку УБК, а не дека следењето е вршено од трета страна. Се утврди дека прислушувањето е извршено од злосторничкото здружение кое го организирал Сашо Мијалков. Организатор е Сашо Мијалков кој поседувал реална моќ во општество. Креатори на грипата се и Горан Грујевски и Надица Николиќ. Судот ја ценеше одбраната на Мијалков, но не даде верба бидејќи се спротивно на докзите“, додаде судијата Владимир Туфегџиќ.

„Масовното прислушување се случувало во една од најважните институции во државата, во УБК. Со оглед дека овој предмет е еден од најважните предмети на СЈО, од кои зависат другите предмети. Судечкиот совет направи напори да го реши во најкраток можен рок и да добие судски епилог“, рече судијката Џенета Бегтовиќ.

Судењето на предметот „Таргет-Тврдина“ траеше три години. Обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов докажаа пред судот дека по наредба на Мијалков како организатор на група се вршело нелегално прислушување без судски налог со системите во УБК. Тој и Грујевски ја имале контролата на сите прислушувани телефони и лично од своите компјутери и сами ги слушале разговорите. Обработка на поедини задачи вршела и Надица Николиќ, како и останатите вработени во УБК.

Ексминистерката Јанкулоска беше обвинета дека по наредба на Мијалков, а заедно со Тони Јакимовски, преку формирана комисија дале наредба да се уништат системите за следење на комуникациите на МВР. Со цел да се спречи докажувањето на нелегалното прислушување, системите ги уништиле сега обвинетите Грујевски и Бошкоски. На овој начин, ја оштетиле државата за 10 милиони евра.

Претходно, адвокатот Миле Петровски кажа дека Сашо Мијалков не ги следел комуникациите, ниту преслушувал разговори од неговата канцеларија во УБК. Беше побарано и ослободување на Мијалков од обвинението, бидејќи не сторил ништо од работите за кои го обвинуваа обвинителите.

Јанкулоска, пак, кажа дека нејзината совест е чиста. Таа посочи дека е жртва на овој, како што го нарече, монструозен процес.

Јанкулоска во завршните зборови побара ослободителна пресуда.

И службеничката Николиќ докажуваше дека не е виновна, барајќи да биде ослободена. Адвокатот на избеганиот Грујевски, во завршните зборови посочи дека нема да се изјасни за евентуална вина кај неговиот клиент, посочувајќи дека не треба да му се суди затоа што Грујевски не е во судницата и е во бегство.

Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Над 130 физички и правни лица имаат поднесено и барање за оштета во предметот „Таргет-Тврдина“. Меѓу нив се ексфункционери, политичари, новинари, бизнисмени. Но, како оштетени, иако бараа, не се ставени ексминистерот Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.

Јанакиески беше во 90 отсто од нелегално слушаните разговори, односно СЈО за него имаше над 80.000 снимки во кои разговара со различни луѓе. Голем број разговори има и ексминистерката Јанкулоска, која е осудена во истиот предмет.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*