Don't Miss
Home / Колумни / Соочување со правдата

Соочување со правдата

               

        Деновиве Македонија доживеа вистинска катарза. Конечно по неколку години судење зад решетки, во затворот во Шутка, се најде и  Сашо Мијалков, човекот за кој  владееше фама  дека е недопирлив и вистински газда во државата.

        Човекот, на кој пред доаѓањето на власт на Зоран Заев граѓаните  не смееја да му го спомнат ни името, од пред неколку дена е во притвор, во очекување на правосилноста на пресудата со која за предметот  “Таргет – Тврдина # е осуден на 12 години затвор.

        Со изрекувањето на пресудата на  екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, човекот кој  во времето на режимот на Никола Груевски беше страв и трепет, не само за  опозицијата, туку и за власта, македонското судство сврти нова страница во своето правораздавање

        Иако пред изрекувањето на пресудата за Сашо Мијалков во јавноста имаше разни шпекулации, особено по неговото “доброволно”  предавање, за некаков негов договор со Заев, сепак по изрекувањето на пресудата не само за него, туку и за останатите  инволвирани во предметот # Таргет – Тврдина #станува јасно дека  повеќе во Македонија нема недопирливи и пзарења за плаќање на гревовите.

        Дали тоа значи дека правдата и законите  (ќе)важат подеднакво за сите и дека повеќе нема да има недопирливи во државата останува да покаже времето.

        – Нема правда-нема мир “ беше слоганот под кој СДСМ со своите истомисленици настојуваше да го урне режимот на Никола Груевски.

        Иако во изминатиот период овој слоган како да беше подзаборавен и некако ставен настрана, сепак по последните пресуди за неколку предмети кои ги сработија обвинителите на СЈО, некако како да се врати довербата кај граѓаните.

        Последните пресуди како да ги охрабрија властите во Макеоднија, кои  најавија отворена борба против криминалот и деновиве излегоа со нов акциски план за борба против корупцијата и организираниот криминал.

        Се чини дека конечно на сите им светна ламбичето дека доколку Македонија сака да остане и опстане и да стане дел од Европското семејство  мора да расчисти со сите криминалци кои на сметка на народот се обезбедувата себеси и своите најблиски за неколку генерации.

        Случајот со Сашо Мијалков покажа дека криминалот, или најблаго речено крадењето, не се исплаќа повеќе во Македонија.

        Покрај на Мијалков тоа сигурно им стана јасно и на голем број министри и функционери од претходната власт, кои завршија зад решетки.

        Судбината на послушниците на  Никола Груевски сигурно ќе преставува и сериозна опомена и за актуелните функционери и носители на власта дека не се исплаќа криминалот и дека кога тогаш фактурата за таквите злодела ќе стигне на наплата.

         По  изрекувањето на пресудата за #Таргет – Тврдина # се обистинија зборовите на екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска во “глаголењето “ со својот колега Зоран Ставревски дека доколку продолжат така да ја практикуваат власта еден ден сите ќе завршат во Идризово.

        Слепо слушајќи ги и извршувајќи ги барањата и наредбите на Никола Груевски, зад решетки завршија и допрва ќе завршат голем број функционери на претходната власт.

        Тоа што  во тие години на владеење не најдоа сили да му се спротистават на таквите политики на Груевски скапо ги чини и ќе ги чини.

        Сфаќањето да се третира Македонија  како приватна држава, во која тие ведреа и облачеа  многумина од нив  скапо ќе  ја платат.

        Сега кога правдата ги стигна многумина, останува да се случи уште една правда во Македонија. А таа е конечно да почне да функционира часовникот за враќање на украдените пари.

        Во изминатите неколку години се изнаслушавме дека во годините кога на власт беше режимот на Груевски од Македонија се изнесени над 5 милјарди евра.

        Дали тоа е точно треба да утврдат надлежните институции, но мислам дека и на врапчињата на гранките им е јасно дека овоаа земја е буквално исцицана.

        Заев и министерот за борба против  криминалот и криминалците, Љупчо Николовски, пред преземањето на власта и деновиве со донесувањето на Акцискиот план  најавија бескомпромисна битка против криминалот и криминалците.

        Повеќе назад нема.

        Сега мислам дека на сите им е јасно дека нема да има повеќе  недопирливи и привилегирани во државата, кои државните пари ќе ги сметаат дека се нивни и дека крадењето повеќе не се исплаќа.

        Министрите и владините функционери мора да сфатат дека тие се избрани и одбрани  од народот за да бидат сервис на народот.

        Тие кои ќе ја сфатат таквата логика можат да се занимаваат со политика и извршување на значајни државни функции, за кои се  платени. Доколку тоа не го разберат тогаш треба што побрзо да се простат од политиката, за да не завршат  како Мијалков.

        Помина времето на лепливи прсти во Македонија.

        Стигна времето на наплата.

         Последните пресуди за речиси комплетниот државен врв од режимот на Груевски треба да биде и јасна опомена за сегашните функционери, кои извршуваат значајни државни и јавни функции.

        Времето на владеење брзо поминува.

         Властите се менуваат,а владите идат и си одат.

        Ако по 11 години владеење падна режимот на Никола Груевски, на сите сигурно им е јасно дека еден ден ќе падне и власта на Зоран Заев.

        На овие простори нема вечно владеење.

        Многу не траат ни најавтократските режими.

        Државите каде властите идат на власт со гласот на народот не можат  да бидат приватни држави.

        Тоа верувам дека сега им е јасно и на Мијалков и на Гордана Јанкуловска,а  и на Никола Груевски, кој иако себеси се замислуваше дека ќе биде Големиот Александар Македонски  во македонската историја ќе биде запамтен како бегалецот Никола.

        Тој избега од Македонија, своето Македонско државјанство го смени со Унгарско, но ни тој, ни сите кои верно и беспоговорно му служеа, не можат да избегаат од кожата во која се наоѓаат, а во која никогаш ниту  мислеле ниту сакале  да бидат.

        Сите тие мислам дека сфатија оти најголемо богатство на овој земски свет не се ни девизните конта, ни имотите, ни велелпните дворци, туку слободата.

Колумната можете да ја прочитате во најновиот број на Битолски весник, кој ќе биде во продажба од утре, 3 март 2021 год.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*