Македонската државјанка С.Т., која беше тешко повредена во несреќата што се случи на 16 декември во Лесковац, Србија, починала ноќеска во Клиничкиот центар во Ниш, објави „Блиц“. Таа е четврта жртва од автобусот што се преврте. Во несреќата шест лица беа тешко повредени, а 32 се здобија со полесни повреди.
Патничката С.Т. имала скршеница на карличната коска и била оперирана во болницата во Ниш. Таа, исто како и уште еден од сериозно повредените патници, била приклучена на апарати за дишење.
Автобусот кој патувал од Битола за Виена слета од коловозот при лоши временски услови и лизгав пат поради снежни врнежи. Тројца патници загинаа на самото место. Засега нема информации за причината за несреќата.