Во врска со аферата “Рекет“ новинарот Бранко Геровски излезе со нови детали.
Тој пишува за односот на Силјан Мицевски со Боки 13
Една од најважните „платформи“ со кои се занимава Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски е изградба на т.н. европски центри за возрасни лица и мобилни сервиси на териториите на македонските општини. На прв поглед, идејата е благородна, но изведбата, што ќе ја прикажеме низ договорот на НВО на Јовановски со градежното претпријатие „Пелистер“ од Битола на Силјан Мицевски, е основа за едно многу силно сомневање дека станува збор за зделки склучени со цел да се исперат пари и ништо повеќе од тоа. Секако, ја оставам можноста и Силјан Мицевски, иако искусен стопанственик, да тврди (како и специјалната обвинителка во оставка, Катица Јанева) дека бил злоупотребен во оваа зделка. Или дури и дека му се изнудени пари. Јас би му поверувал, но таа работа треба да ја утврди обвинителката Вилма Русковска.
Поседувам фотографии од тој чуден договор меѓу Меѓународен сојуз и ГП „Пелистер“, а верувам дека оригиналот го има и обвинителката Русковска. Точниот назив на тој документ е „Преддоговор за стратешко партнерство и деловна соработка“. Договорни страни се Меѓународен сојуз – Скопје, застапуван од Бојан Јовановски и Друштво за градежништво и услуги „Пелистер“ Битола ДОО, застапувано од Силјан Мицевски. Договорот е склучен на 13.12.2017 година, печатиран и потпишан. Предмет на договорот е „платформата“ Европски комплекс за возрасни лица и мобилен сервис на територија на Општина Охрид и Европски центар за стари лица и мобилен сервис на територија на Општина Битола. Како автор на проектот се јавува извесна госпоѓа Лилјана Тодоровска од Скопје, која сите договорни права наводно му ги пренела на Меѓународниот сојуз (така се вели во преддоговорот, но нема доказ за тоа).
Меѓународниот сојуз на Боки 13-ка се обврзал на ГП „Пелистер“ да му обезбеди државно градежно земјиште на територијата на општина Охрид, лоцирано на охридско крајбрежје, врз база на „наменски меморандум за соработка со општина Охрид“. Не знам дали постои таков меморандум, но истрагата треба да се распраша. Парцелата требало да биде со површина од 25.000 до 35.000 квадрати. Не ми е познато дали е обезбедена таа парцела и како завршила зделката што се однесува до Охрид. Но, најинтерсниот дел од договорот се однесува на Битола…
Боки на Силјан решение за градба, за возврат пари на име хонорар!
Двете страни се договориле Европскиот центар за стари лица во Битола да биде изграден од страна на ГП „Пелистер“, на приватно градежно земјиште, всушност на земјиште кое е во сопственост на „Пелистер“. Меѓународниот сојуз, меѓу другото, се обврзал на „Пелистер“ да му ја обезбеди целата потребна документација за почеток на градбата, вклучувајќи и правосилно Одобрение за градба кое ќе гласи на име на фирмата на Силјан Мицевски.
Градежната фирма на Мицевски се обврзала да ги плати трошоците за проектната документација. Но, тоа се малите пари. НВО на Бојан Јовановски, пак, се обврзал да обезбеди дури и субвенционирање од страна на државата на нивниот проект. Замислете каква поддршка и сила имал Боки 13-ка, кога се осмелил во договор да се обврзе дека ќе обезбеди државни субвенции за својот проект!
Но, човек ќе рече – зошто пак да не?! Идејата е убава. Боки 13-ка предлага, а Силјан Мицевски гради старски домови. Личи на нормален договор меѓу една невладина организација и една градежна компанија. Камо да е така… И сега, доаѓа најинтересниот дел од договорот. Имено, „заради регулирање на правата кои произлегуваат од платформата“, двете договорни страни се договориле ГП „Пелистер“ на Меѓународен сојуз да му уплати 1.439.810 евра, ама не директно, туку преку – Македонската авторска агенција?! Замислете, како авторски хонорар!
Во договорот пишува дека половината од оваа сума или точно 719.905 евра (плус персонален данок) требало да биде исплатена на денот на потпишувањето на договорот (13.12.2017 година), а вториот дел на денот на издавањето на правосилното одобрение за градба. Прашувам јавно, дали е тоа онаа сума од околу 750.000 евра рекет во Битола, за која пишуваше колегата Миомир Серафимовиќ од Телма? Оние 750.000 кои ги добила некоја постара жена, па ги подигнала и потоа и платила персонален данок?
И секако, прашувам, дали е тоа онаа зделка за која е вршен притисок врз битолската градоначалничка Наташа Петровска, која веќе даде исказ во истрагата? Според моите сознанија, станува збор токму за таа зделка. Моите извори велат дека Петровска не поткелкнала и не дозволила работата да дојде до правосилно одобрение за градба, што би значело делка вториот дел од сумата не е ни исплатен.
Боки бара интервенција од градоначалничката на Битола
Консултирав правни експерти и тие ме убедуваат дека договорот меѓу Меѓународен сојуз Скопје и „Пелистер“ од Битола правно е спорен, а веројатно и ништовен, поради неисполнување на три основи од Законот за облигациони односи. Прво, ни Бојан Јовановски ни Силјан Мицевски немаат обезбедено локација за градба. За договорот да може да се изврши, а правата за центарот за стари лица да припаднат од едната на другата договорна страна после период од пет години, прво требало да се уреди локацијата, којашто опфаќа дел и од битолската касарна и е под владение на Општина Битола. Согласно урбанистичкиот план на Битола, пак, таму не е предвидена изградба на деловни или станбени објекти. Второ, не е прикажана соодветна документација дека Меѓународен сојуз ги има преземено сите права од лицето кое што ги има заштитено правата за таков тип на комплекс, со такво име. Тоа е госпоѓата Лилјана Тодоровска од Скопје. И трето, веројатно најспорно, нешто што најмногу мириса на класично перење пари, е фактот што НВО на Бојан Јовановски не ги прима парите од „Пелистер“ на сопствената сметка, туку на сметка на правното лице Македонска авторска агенција – Скопје, од каде што парите ги подигнува Лилјана Тодоровска, која воопшто не е договорна страна. Дополнително прашање е каде завршиле тие пари. На која сметка? Кај Боки 13-ка? Кај некој друг?
Поседувам фотографија од допис од Меѓународен сојуз – Скопје, од 16.05.2018 година, како поддршка на барање на ГП „Пелистер“. Потпишан е Бојан Јовановски. Тој се обраќа до градоначалничката на општина Битола и до соодветните општински служби, со барање за интервенција за обезбедување нова локација за изградба на проектот во Битола од страна на ГП „Пелистер“, и тоа на градежната парцела 12.68 во АРМ Четврт 2, во „Касарна“ Битола. Од општината се бара парцелата да се пренамени со намена Б5 – изградба на хотелски комплекси. Парцелата има 14.518 квадрати, а планирано било да се изградат бруто 71.776 квадрати.
Во својот допис, пак, ГП „Пелистер“ напоменува дека парцелата треба да се третира како хотел или одморалиште, за да не мора да се прави промена на Деталниот урбанистички план. Тука се гледа опасноста – промената на ДУП е долга и опасна процедура. Па се барало таа некако да се избегне. Да повторам, моите сознанија се дека за оваа работа е одржана средба меѓу Бојан Јовановски и градоначалничката Петровска (не сум сигурен дали бил присутен Силјан Мицевски), а контактот меѓу страните го направил Александар Кирацовски, тогаш генерален секретар на СДСМ. Моите извори велат дека Петровска сепак одбила да постапи според барањето на Јовановски и на Мицевски, без да се усвои промена на урбанистичкиот план. Дали било така, ќе се види од истрагата, пишува Бранко Геровски.