Кога точно пред четири години Советот на Битола едногласно ја усвои одлуката да му се подигне споменик на војводата Александар Турунџев, на местото Ат- пазар, каде што во 1905 година беше обесен, никој не беше посреќeн од мене. Слушајќи ја таквата одлука од страна на градоначалникот Владимир Талески и Советот на општината, почувствував како повторно да се родив. Ме обзедоа некоја топлина во душата и трепет во градите. Мислев дека срцето ќе ми излета од радост. Молчи, си реков. Конечно го дочекав тој ден, Битола да му се оддолжи на мојот прадедо Александар, за кого од мојот дедо и татко толку многу имав слушано. Особено бев среќна кога споменикот беше изработен и донесен во Битола и кога општинските служби почнаа на Ат-пазар, каде што јас живеам, да го подготвуваат платото за поставување на споменикот, кој морам да нагласам дека е извонредно изработен и го прикажува мојот дедо токму таков каков што бил, силен маж, атлетски граден, висок, со бујна бушава коса, со високо чело и орелски поглед.
Вака ни зборуваше деновиве внуката на војводата од Битола, славниот
Александар Турунџев, познатата интерпретаторка и водителка Сузана
Турунџиева.
Денес таа, наместо радост, чувствува револт, гнев, разочараност.
– Имам чувство како мојот прадедо Александар денес повторно да го бесат.
Како некој без суд повторно го суди и му пресудува. Можеби ваквото мое
чувство е резултат на моите емоции, кои ги чувствувам сега во пресрет на
големиот празник Илинден, но, да бидам искрена, така се чувствувам.
Имам впечаток како некој повторно да ја преиспитува улогата на мојот
прадедо Александар Турунџев пред и по Илинден. Доколку ги има такви што
не го знаат неговиот придонес во историјата и македонското
револуционерно минато, ги поканувам да дојдат кај мене и јас со часови и
денови да им раскажувам и прераскажувам кој бил Александар Турунџев –
вели Сузана Турунџиева, која досега не дочекала утринското кафе од
нејзината тераса во Битола на Ат-пазар да го пие гледајќи во споменикот
на нејзиниот прадедо Александар.
Навистина, во пресрет на празникот 2 Август, Илинден, жална е сликата со споменикот на битолскиот војвода Александар Турунџев. Неговиот споменик, изработен во бронза, повеќе од две години е оставен во дворот на општината, меѓу паркираните патнички возила на вработените во општинската администрација, напуштен и заборавен. Иако споменикот за Турунџев е подолго од две години готов, изработен и платен, сепак тој сѐуште чека „амин“ од општинските служби, тие да се сетат на него и да се смилуваат да го постават на местото каде што требаше да биде подигнат на Ат-пазар, каде што пред 114 години беше обесен. Одлуката за изградба на споменикот за Александар Турунџев беше донесена во јули 2015 година. Тогаш општината Битола објави јавен повик за комплетно идејно решение за подигнување споменик на војводата Александар Турунџев. Со едногласна одлука на советниците беше решено споменикот да биде поставен во новиот кружен тек што требаше да се изгради на раскрсницата пред поранешната ветеринарна станица, во непосредна близина на Ат-пазар, местото каде што Турунџев во 1905 година бил обесен. Таквата одлука на градоначалникот Владимир Талески и советниците ја поздравија сите битолчани, кои постојано го воспеваат нивниот славен војвода Турунџев, Споменикот е висок три метри, тежок 500 кг и требаше да биде поставен на постамент од два метри. Изработен е од бронза. Автор на идејното решение на споменикот е Ѓорѓи Димовски, а изработката е извршена во леарница во Скопје, под надзор на менторката Валентина Стевановска. Но наместо поставувањето на споменикот на Турунџев да претставува празник за Битола, како што е вообичаено кај нас, и во овој случај се замеша политиката и споменикот остана да „виси“ во дворот на општината. Со урбанистичкото решение требаше кај Ат-пазар да се направи кружен тек, а во средината да бидат поставени постаментот и споменикот на Турунџев. Но за да се изгради кружниот тек, требаше да биде исечен еден дел од паркот. И тука работите се искомплицираа, се замеша и политиката, а беше и најавено дека проектот ќе биде подложен на ревизија.
И оттогаш веќе никој ниту се сети да направи ревизија, ниту пак, според наши сознанија, размислува веќе за поставување на споменикот на војводата Александар Турунџев кај Ат-пазар. На нашето прашање што станува со поставувањето на споменикот на Турунџев, од општинската администрација не добивме никаков одговор. Напротив, секаде наидовме на молк.
Во една пригода градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, по
преземањето на власта, беше прашана за судбината на споменикот на
Александар Турунџев.
– Претходната локална власт од Битола, на чело со ВМРО-ДПМНЕ, го нарача
споменикот на војводата Александар Турунџев, но не го плати. Сега, со
ребаланс на буџетот, новата локална власт, предводена од СДСМ, треба да
издвои 48.000 евра за да ги плати споменикот, кој се чува во општинскиот
двор, и постаментот. Споменикот пристигна во Битола пред локалните
избори, иако одлуката за неговото поставување беше донесена во Советот
пред пет години. Уште една ставка што има зголемување се однесува на
споменикот за Турунџев, кој беше нарачан од некого претходно, но
авторските права не се исплатени, изработката на постаментот не е
исплатена. Заради избегнување нови тужби што би го оптовариле
општинскиот буџет, мора да се исплатат, па и оваа сума ќе влезе во
ребалансот на буџетот – изјави тогаш градоначалничката Наташа Петровска.
Како и да е, навистина фрустрирачко е чувството, сега пред Илинден, кога
се потсетуваме на историските настани од Илинден 1903 и на херојските
дела на македонските војводи и револуционери, некој да си поигрува со
историјата и историските личности од минатото, кои своите животи ги
втемелиле на македонската држава. А за тие што не знаат или заборавиле
кој бил војводата Александар Турунџев, еве кратко потсетување.
Александар Турунџев, е роден во 1872 година во с. Горно Врбени, Леринско. Уште како млад се вклучил во редовите на ТМОРО, најпрво како четник, а потоа како војвода. За време на Илинденското востание со својата чета активно учествувал во борбите кај Леринско. Во текот на сите години на илегално живеење и движење, Турунџев ги обиколува редовно селата во Леринско и некои во Долна Преспа и Битолско. Станува популарен поради својата храброст и ревност кон природниот стремеж на сопствениот народ да извојува слобода со оружје во рацете. Насекаде бил мил гостин, зашто со другарите ги истребил најголемите насилници и крвници во Леринско, а оние што посакуваа не се осмелуваа да станат нови угнетувачи и мачители на македонскиот народ поради големиот страв од Александар Турунџев. По востанието во 1903 година, учествувал во обновувањето на револуционерната мрежа во својот реон и влегол во новиот состав на Леринското горско началство. Кон крајот на 1904 година, во селото Ајтос, Леринско, бил предаден од шпионот Митре Гинков за 150 жолтици. Бил заробен и одведен во битолскиот истражен затвор. Таму бил подложен на големи измачувања и држен цела година. Турскиот суд во Битола на 29 август 1905 година го осудил на смрт, а казната била извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-пазар, на 30 август 1905 година. Турунџев со пранги на рацете и нозете најпрво бил изложен на плоштадот во Битола. Поворката тргнала од Саат-кулата, крај Безистенот, реката Драгор, па до Ат-пазар. Турунџев бил сместен на запрежна кола, а напред одел телал, кој ја читал веста дека ќе биде егзекутиран. Кон поворката се приклучиле над 3.000 битолчани. Збунетиот поп пред егзекуцијата го прашал: „Кои се твоите последни зборови?“ Тогаш Александар Турунџев се поткачил на некаков кош, го фатил јажето, ги подигнал очите кон небото и извикал: „Македонија ќе биде слободна!“ По извикот, сам го ставил јажето на својот врат и се обесил.
Денес, 114 години подоцна, неговиот споменик „виси“ во дворот на општината Битола, оставен и заборавен.