Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, денеска не се појави на судењето за случајот „Трезор“, бидејќи како што кажа неговиот адвокат Љупчо Шврговски имал здравствени проблеми, односно имал проблеми со желудникот поради што повраќал.
Медицинската документација која ја достави Шврговски е од „Неуромедика“ и од „Систина“, а според која Мијалков од 25 септември е на боледување. Сашо Мијалков, Горан Грујевски поранешниот началник на петтата управа, Тони Јакимовски ексшефот во кабинетот на Мијалков и Небојша Сајковиќ поранешен помошник министер во МВР се обвинети дека набавилеа опрема за прислушување во Лондон во 2010 година. Набавката на опремата не одела преку МВР, туку преку компанијата „Финзи“, договор, кој според обвинителниот акт од СЈО бил фактуриран по двојно поскапа цена.