Don't Miss
Home / Uncategorized / Привршуваат процедурите за субвенционирање инвертори

Привршуваат процедурите за субвенционирање инвертори

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски очекува за една до две недели да завршат сите процедури и да почне аплицирањето за надоместот од 1.000 евра за граѓаните и фирмите за вграден инвертер клима уред во четирите најзагадени општини во државава, што го нуди Владата преку оваа енергетска компанија.

– Постапката е во тек. На седница на Владата веќе се предложени и статутните измени на компанијата, а обезбедени се и средствата од фондот и е поддготвена програмата што треба да ја достави Министерството за животна средина. Очекувам програмата што поскоро да се реализира, да се донесат конечните одлуки и да се спроведат до општините од четирите градови кои беа предвидени, а потоа да се објават и јавните повици за граѓаните и компаниите кои треба да ги добијат еколошките инвертери, изјави Ковачевски во одговор на прашање на денешната прес-конференцијаво Регулаторната комисија за енергетика.

Очекувам, нагласи тој, во најскоро време, односно за недела до две целата процедура да биде завршена и граѓаните да можат да почнат да аплицираат.

Директорот на ЕСМ не очекува да има проблеми во системот поради зголемениот број на инвертер клима уреди, што се планира да бидат набавени со најновата мерка што им се нуди на граѓаните и компаниите.

– Инвертер климите не трошат многу електрична енергија и нема многу да придонесат за зголемена потрошувачка на струја. Во секој случај нашата компанија е подготвена да ги задоволи сите потреби за што ни се на располагање сите капацитети. Иако годинава имавме намалена хидрологија сепак електраните го надополнија недостатокот и очекуваме до крајот на годината производството да биде за три проценти поголемо отколку во претходната 2018 година, потенцира Ковачевски.

АД ЕСМ од својот буџет одвои 10 милиони евра за 100-процентно субвенционирање на вградување инвертер клима уреди во Битола, Кичево, Скопје и Тетово. Компанијата ќе им надомести до 1.000 евра за вградување инвертер клима на граѓаните и компаниите од овие општини кои ќе се откажат од нееколошкиот начин на греење. Во цената е пресметана набавката и монтажата на уредот, како и персоналниот данок. Граѓаните ќе добиваат ваучер, а на фирмата од кадешто го купиле инвертер уредот ќе треба да и ја предадат печката на која досега го загревале домот и да потпишат изјава дека нема повеќе да се греат на нееколошки начин. Потоа печките ќе се носат во легални отпади.

Со мерката, спроред претходните најави од Владата, ќе бидат опфатени 5.200 домаќинства од Скопје, 2.500 од Битола, 1.500 во Тетово и 800 во Кичево.  Предност ќе имаат семејствата кои имаат месечни приходи до 30.000 денари, а за субвенции во Скопје ќе можат да аплицираат и домаќинставата од приградските општини Арачиново, Сопиште и Илинден.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*