Не е јасно дали лустраторите, според Јанкулоска, се луди, или неконтролирани, или неконтролабилни, или неразумни, или случајни (случајно родени ) луѓе, или… Во секој случај, асоцира на став дека тоа се луѓе што немаат ништо заедничко со хуманизам и етичност… Алчноста ја убива личноста, човештината, зар не ?!
Ѓорѓи ТОНОВСКИ
Извадок од „бомбите“ на Заев – разговор на Гордана Јанкулоска со Сашо Мијалков
ГЈ: Знаеш кој? – Од Кичево оној, Вецко еден,
така, помлад што е…
(Вецко Здравески, сопруг на Јасмина Костеска Здравеска н.з.)
СМ: Ние ја договоривме таа тогаш, така?
ГЈ: Па, таа ја квалификувавме како наша.
СМ: Епа, ај да не мењаме, тогаш ќе идеме
со таа, па оваа ќе ја остаиме за следниот пат
ГЈ: Наша е, да го видиш, ќе ти текне на човекот.
СМ: Ако, нé поддржава тој таму во Антикорупциска…
ГЈ: Во Лустрациска…
СМ: Во Лустрациска, ма да таму не знам
што се поддржава…
ГЈ: Абе, знаеш таму луда банда се, ама тие
се тие за наши што ги рачунаме.
(Преземено од НОВА ТВ, 6 февруари 2020 година)
Наводот е преземен од НОВА, од написот под наслов „Обвинителката за случајот „Еко Клуб“ е поставена од Мијалков и Јанкулоска“. Во него се тврди дека Јасмина Костеска Здравеска е обвинителката задолжена за предистрагата за медицинскиот отпад на „Еко клуб“, но се изразува и сомнеж дали таа може намерно да ја опструира истрагата поради блискоста со Груевски. Таа е сопруга на Вецко Здравески, член на Комисијата за лустрација, кој беше задолжен за досието на писателот Славко Јаневски, кого ѝ го лустрираа.
Во прислушуваниот телефонски разговор на Сашо Мијалков со Гордана Јанкуловска, прво се потврдува дека Вецко Здравески е партиски кадар на ВМРО ДПМНЕ, послушник и член на Лустрациската комисија, а клучното е дека поради неговата партиска послушност, неговата сопруга, обвинителката Здравеска била избрана за јавна обвинителка во Основното обвинителство Скопје. Токму Мијалков и Јанкулоска во „бомбата“ договараат нејзин избор за обвинител…
„БОМБИТЕ“ СЕ ИНТЕРЕСНО ЧЕТИВО
Интересно четиво се „бомбите“, или како што ги нарекуваат „бомбите на Заев“. Тие се, прво, недвојбена вистина и доказ за вистинскиот лик на политичкото дејствување на фашистичката диктатура на Никола Груевски, и, второ, од нив аналитичарите можат да извлечат бројни индиректни пораки за бројни прашања од интерес за нив и за политичките дејци. Ова второво е особено значајно, бидејќи посредно помага да се разоткриваат, објаснуваат или сфатат заднините на потезите за кои се одлучувало далеку од очите на јавноста (на општествената, но и на онаа интерната јавност, која ја сочинува поширокото (неинформираното) членство на ВМРО-ДПМНЕ).
Познато е од историјата дека фашистичките системи немаат ниту наклонетост, ниту сенс за демократска јавност. Нивните одлуки се донесуваат во затворени тесни кругови на раководната структура, во отуѓени центри на моќ и далеку од можната јавност. Поради тоа, таквите одлуки секогаш ги карактеризира голема доза на тајност и мистика. Ете таква е и приказната од „бомбите на Заев“.
Нивното најавување и обелоденување со право предизвика големо внимание во нашата („заробена држава“) и во светот. Тие фрлија светлина на низа прашања и потези на ненародната власт на груевистите со кои се разнебитуваше македонското општествено битие и масовно се кршеа човековите права. А сето тоа се случуваше во 21 век?!. (Според Ватикан, тоа би требало да биде век на разговор меѓу цивилизациите и религиите, век на милосрдието, век на човечкото достоинство…).
Ете, од таква природа е и овој навод од една од „бомбите“, кој во себе содржи повеќе пораки.
Прво, преку него се отсликува вистинскиот карактер на политичкото дејствување полно со самоволие, злоупотреба на власта, „удавеност и изгубеност“ во неограничената политичка моќ на фашистичката номенклатура;
Второ, тие го прикажуваат „системот“ по кој во ВМРО-ДПМНЕ се водеше кадровската политика, систем во кој основен критериум за кариера е „да се биде НАШ“. Тоа е доволно за бенефит, случаен човек (случајно роден!? ), без претпоставени квалитети, со партиско менторство (кариера со партиско менторство – изјава на Ѓорѓе Иванов за квалитетните луѓе од опозицијата) обезбедува остварување на желбите и амбициите за себе или за својата фамилија;
Трето, водениот разговор е сведоштво за постоење на партиското, „сваровски“ судство. Овде конкретно станува збор за обвинителката Јасмина Костеска Здравеска, која, според Јанкулоска, „НАША Е“, како и нејзиниот сопруг Вецко Здравески, лустраторот на Славко Јаневски (многу е интересно прашањето дали овој човек има вистинска претстава за тоа кој е Славко Јаневски, па и дали прочитал што било од делата на писателот )…
Четврто, извадокот од „бомбите“ го отсликува проблематичниот хуман и етичен карактер на членовите, како и третманот на Комисијата за лустрација кај партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Гордана Јанкулоска (за која верувам дека имаше голема улога и влијание при селекцијата кој ќе биде лустриран, а кој не) за лустраторите вели: „Абе, знаеш таму луда банда се, ама тие се тие за наши што ги рачунаме“.
ПРИКАЗНАТА ЗА ФАУСТ И МЕФИСТО
Меѓутоа, таа луда банда, во име на „газдите“, користејќи се со многу проблематични „аргументи“ кроеше зла судбина на луѓе (нивните деца, семејства) кои припаѓаат во самиот врв на македонскиот културен, духовен и интелектуален простор. Очигледно е дека таа комисија не била респектирана во самиот злосторнички табор, веројатно било јасно дека таа има задача да заврши една валкана, гнасна работа, но притоа и добро да се „нафатира“.
Продажбата на душата (приказната за Фауст и Мефисто) морала да им биде добро платена на лустраторите (модерните разбеснети инквизитори). Начинот и големото задоволство на кој тоа го правеле наликува како да е дел од нивна евентуална пропишана психотерапија, дел што сe состои „од јадење човечки души“. Таму луда банда се!
Гордана Јанкулоска не кажува во која насока и до кој степен бандата е луда, според карактерот на злосторството може да е до степен на глутница, или, пак, на ниво на десперадоси… Но, не е јасно дали лустраторите, според Јанкулоска, се луди, или неконтролирани, или неконтролабилни, или неразумни, или случајни (случајно родени) луѓе, или… Во секој случај, асоцира на став дека тоа се луѓе што немаат ништо заедничко со хуманизам и етичност… Алчноста ја убива личноста, човештината, зар не ?!
П.С. Господ да им е на помош. Гревот на оваа ЛУДА БАНДА (или полудени лустратори) е повеќе од обичен грев. Нивното сторение е пеколен, непростлив злостор. Нивните жртви чекаат казна за „подвигот” на ЛУДАТА БАНДА.