Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска се сретна со францускиот амбасадор во државава Кристијан Тимоние со кого разговарале за заложбите на Владата за целосна слобода и независност на медиумите, особено во предизборниот период. Како што соопшти владината прес-служба, францускиот амбасадор изразил надеж дека претстојните избори ќе се одржат во фер и демократска атмосфера и дека тоа е особено важно во пресрет на најавите за добри вести за Северна Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Амбасадорот Тимоние, се додава, исто така подвлекол дека атмосферата во Париз по ова прашање е многу подобра и оти со заедничка работа со овдешните политички чинители ќе бидат постигнати резултати, како прилог на заложбата на Франција за што побрза интеграција и напредок на земјите од Западен Балкан. -Амбасадорот Тимоние истакна дека ги цени напорите за целосна транспарентност на оваа Влада. Тој истакна дека има подобра атмосфера и во областа на медиумите и изрази надеж дека во наредниот период ќе се надмине големата политичка поларизација во оваа сфера за сметка на професионалноста, се наведува во соопштението. Министерот Поповски информираше дека Владата постигна извонредни резултати на полето на транспарентноста – од последното место на кое се наоѓаше по ова прашање во 2017 година, таа сега е на прво место меѓу шесте земји од регионот. -Наша цел е Владата на Република Северна Македонија да биде подеднакво транспарентна како владите на државите во Европската Унија, особено во поглед на криминалот и неговото обелоденување. Издејствувавме и максимална транспарентност на трошоците на сите министри и директори на јавните претпријатија до најмал детал. Исто така, ние сме единствена Влада во Југоисточна Европа која секоја буџетска трансакција ја стави на увид на граѓаните, подвлече Поповски. Околу финансирањето на медиумската изборна кампања, Поповски истакна дека власта и опозицијата ќе имаат подеднаков број минути за закуп на простор за кампањата. – Министерот Поповски истакна дека по углед на европските влади и Владата на Северна Македонија гради стратегија за давање директна поддршка на печатените медиуми и тоа во износ од 50 проценти од трошоците за печатење и 50 проценти од трошоците за дистрибуција за медиумите што се печатат на македонски јазик и во износ од 70проценти за медиумите што се печатат на јазиците на помалите заедници со што Владата го стимулира нивниот медиумски развој, се посочува во соопштението. Во поглед на работата на порталите и социјалните мрежи, Владата, додал министерот, ги следи насоките на Европската Комисија и ја поддржува саморегулацијата на новинарските здруженија. Во таа насока е поздравена иницијативата на Здружението на новинарите и на Советот за етика во медиумите за листа на професионални медиуми во државата, со надеж дека оваа иницијатива ќе помогне за зајакнување на професионалноста на овие медиуми, како и од аспект на нивната одржливост на медиумскиот пазар. Поповски го подвлекол и значењето на усвојувањето на Стратегијата за справување со лажните вести подвлекувајќи дека оваа Влада посветува особено внимание на подигнување на нивото на медиумска писменост на граѓаните, која е во план да се вгради и во образованието, стои во соопштението.