Don't Miss
Home / Uncategorized / Народна банка со мерки за корисниците на кредити

Народна банка со мерки за корисниците на кредити

Советот на Народната банка донесе регулаторни измени насочени кон привремено олеснување на финансискиот товар на граѓаните и компаниите корисници на кредити кои веќе се соочуваат или во наредниот период би можело да се соочат со реални потешкотии во подмирувањето на своите обврски кон банките и штедилниците, предизвикани од состојбата со коронавирусот.

Од Народната банка по одржаната седницата соопштуваат дека со донесените измени им се дава дополнителен регулаторен простор на банките и штедилниците да им понудат поповолни договорни услови за постојните кредити на оние кредитокорисници – физички и правни лица, кои пред 29 февруари 2020 година немале проблем со отплатата, односно нивните кредити не биле класифицирани како нефункционални, а во претстојниот период би можело да се соочат со реални потешкотии во подмирувањето на своите обврски.

-Измените значат поголема флексибилност на банките и штедилниците при промена на договорните услови за отплата на кредитите во поповолна насока за клиентите, во зависност од процената на потребата и финансиската способност на секој поединечен кредиторокорисник. Поповолните услови може да значат привремено одлагање на обврската за плаќање (грејс период), пролонгирање на рокот на достасување, пониска каматна стапка, одобрување нов поповолен кредит за затворање на постоечкиот и сл., со што се овозможува намалување на тековниот товар на граѓаните и компаниите во справувањето со негативните притисоци од пандемијата, појаснуваат од централната банка.

Промените на договорните услови извршени до 30 септември 2020 година, во согласност со донесените регулаторни измени нема да се сметаат за реструктурирање на кредитната изложеност. Со тоа, на граѓаните и компаниите кои до почетокот на март немале проблем со отплатата на кредитите им се овозможува и непречен натамошен пристап до кредитна поддршка.

Со регулаторните измени се олеснува и условот за класификација на одреден кредит како нефункционален, односно наместо тековниот пристап согласно со кој банките и штедилниците имаат обврска како нефункционални да ги евидентираат кредитите кои се со задоцнување подолго од 90 дена, сега критериумот за премин во нефункционално побарување се поместува на 150 дена.

Овој третман банките и штедилниците, исто така, ќе можат да го применат само за оние кредитокорисници кои до крајот на февруари 2020 година не се соочувале со проблеми во отплатата.

Ова регулаторно олеснување е исто така од привремен карактер и најдоцна до 31 декември 2020 година, банките и штедилниците ќе имаат обврска целосно да се приспособат на постојните критериуми за утврдување нефункционални кредити.

Од Народната банка наведуват дека во моментов се утврдува и процедура за комуникацијата на клиентите со банките и штедилниците во врска со промената на договорните услови за кредитите, за да се овозможи таа да се одвива на начин со којшто навремено ќе се одговори на сите барања на граѓаните и компаниите кои имаат потреба од тоа, и притоа да биде заштитено јавното здравје.

Оттаму додаваат дека веднаш штом процедурата биде утврдена, јавноста ќе биде информирана, за граѓаните и компаниите кои имаат потреба од промена на договорните услуги, да можат соодветно да постапат.

–Народната банка постојано го следи развојот на настаните и потенцијалните ризици од окружувањето, како и нивните ефекти врз домашната економија и е подготвена постојано соодветно да ги приспособува политиките и соодветно навремено да реагира во согласност со своите надлежности, стои во соопштението од Народната банка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*