Претседателот на Владата на Република
Северна Македонија Оливер Спасовски на онлајн видео конференција, заедно
со министерката за финансии Нина Ангеловска и министерот за економија
Крешник Бектеши, одржаа состанок со претседателот на Европската банка за
обнова и развој (ЕБОР), Сума Чакрабарти и неговите соработници, за
состојбата со пандемијата на коронавирусот КОВИД-19 и за последиците,
кои на глобално ниво и во нашата земја ги предизвикува ова заболување.
Претседателот
на ЕБОР, Чакрабарти изрази задоволство како властите во Република
Северна Македонија се справуваат со пандемијата на КОВИД-19, како и од
преземените мерки за намалување на последиците. На видео конференцијата
беше истакнато дека банката ќе го активира „Пакетот солидарност“ за
справување со економските последици од пандемијата КОВИД-19, а
значителна поддршка ќе биде ориентирана кон земјите на Западен Балкан,
вклучувајќи ја и Република Северна Македонија.
Оваа
година Република Северна Македонија од ЕБОР ќе биде поддржана со пакет
од 250 милиони евра наменет за поддршка на финансискиот сектор, за
енергетскиот сектор, за мали и средни претпријатија, но и за големите
компании.
Дел од оваа поддршка е
насочена и кон инфраструктури проекти, кои во наредниот период треба да
се финализираат во тесна соработка меѓу Владата на Северна Македонија и
ЕБОР.
Претседателот на ЕБОР,
Чакрабарти, упати искрени честити за членството на нашата земја во НАТО и
започнувањето на преговори со Европската Унија. Тој истакна дека ЕБОР
останува посветена на поддршката на Република Северна Македонија во
процесот на преговори со ЕУ и во најкус период ќе биде потпишан
меморандум за соработка за оваа сфера.
Премиерот
Спасовски изрази благодарност за досегашната поддршка, како и за
отвореноста на ЕБОР, особено во овој тежок период и за вклучувањето на
Република Северна Македонија во „Пакетот солидарност“.
Воедно
премиерот Спасовски искажа посветеност на Владата кон сите отворени
досегашни проекти, но и кон проектите кои се во процес на планирање, за
поддршка на динамичен економски раст.
Tagged with: Македонија. мерки