Don't Miss
Home / Колумни / Подземна република

Подземна република

                                  

            Таман граѓаните на Македонија помислија дека по стивнувањето на заразата со корона вирусот  ќе излезат од вонредната состојба и ќе почнат мирно  и слободно да дишат, како по некое непишано правило, македонските политичари  деновиве почнаа да шират нова (пред)изборна полититичка  епидемиска зараза, од која засега никој не знае колку граѓани ќе се инфицираат и кога и како истата ќе ја прележат.

            Иако  Македонија сеуште е во вонредна ситуација и во државата  во речиси сите денови по 19 часот заведен е полициски час, а епидемиолозите и медицинските работници сеуште  ѓи бројат жртвите и заразените и сеуште не е на повидок крајот на пандемијата, политичарите веќе почнаа со своите (пред)изборни активности.

              Тоа што тие во сите свои  политички уводи глаголат дека засега наместо политиката  за нив најбитно е здравјето на луѓето, е само фрлање прашина в очи на обичните граѓани, бидејќи  според постапките на политичарите и нивните активности повеќе од јасно е дека во овој момент за македонските политичари пандемијата е веќе “завршена” работа и нив сега единственио ги интересираат изборите и исходот од нив.

            Но тоа е веќе видена работа.

            Политичарите во Македонија барем досега единствено биле доследни во својата недоследност.

            Но  по тоа што барем досега што го имаме  видено и слушнато на партиските  (пред)изборни прес конференции, повеќе од јасно е дека престојната кампања за предвремените парламентарни избори не само што ќе биде бескомпромисна и  ќе се води до  целосно истребување, туку ќе биде приземна и мошне валкана.

            Во таа беспоштедна политичка битка ќе се употреби сето оружје кое им е на располагање на политичките партаии, а според тоа што деновиве го видовме и слушнавме повеќе од јасно е дека противниците ќе се нишанат и гаѓаат со тешка артилерија.

            Како и на претходните избори во неколку изборни циклуси, така и овој пат  во првите борбени радови  при престојните “бомбардирања “ќе бидат “ бомбашите “ кои во стилот на Бошко Буха ќе јуриушаат на непријателските бункери.

            Засега останува само нејасно која политичка партија со колкава муниција и колку   “бомби”располагаат.

             Според тоа што досега го слушнавме и видовме повеќе од јасно е дека двете најголеми политички партии располагаат со доста  муниција и дека досега пуштените и (не)експлодирани  “бомби”  за средбите на Мицкоски со Кичеец, или на Заев со некои непознати соговорници се само најава за арсеналот со кој располагаат.

            Засега единствено што останува нејасно и непознато е тоа кој ги  фрла овие “бомби”.

            Иако  барем  досега  фрлените “бомби “ не засеганаа никој од политичарите, како од власта, така и од опозицијата, сепак повеќе од јасно е дека тие се само најава дека допрва следува офанзивата со активирање на многу поразорниот потенцијал на оружје.

            Тоа што сега остава впечаток е дека во овој момент со “бомби”  не располага само лидерот на СДСМ Зоран Заев, како што тоа беше пред пред неколку години,  туку и опозицијата која во изминатите неколку години, откако ја изгуби власта успеа  и таа да се вооружа со “бомби”, со кои ќе се обиде да  гио сруши Заев од власт.

            И кога станува збор за “бомбите “ како моќно оружје за борба против власта   тие веќе неколку години нанзад не се никакво изненадување не само за политичарите, туку и за граѓаните на Македонија.

            Иако лидерот на СДСМ, Зоран Заев тврдеше дека сите “бомби” кои тој и СДСМ ги поседуваа му ги предадоа  на специјалната обвинителка Катица Јанева, која јаи маше таа счест да ги “преслушува “ сите над 600 илјади “бомби “, повеќе од јасно е дека во државата има уше многу неиспукани “бомби “ и дека таа сеуште не е целосно “деминирана”.

            Досега ниту  СДСМ, ниту ВМРО ДПМНЕ  јавно не се откажаа  од тоа дека во политичката пресметка  нема да користат ваков тип на оружје и дека  на претстојните предвремени, или редовни парламентарни избори,  наместо програмите и проектите, “бомбите “ ќе бидат главното оружје со кое ќе се обидат политичарите да се уништат еден со друг.

             Слушајќи ги деновиве последните испукани “ бомби “, како од страна на власта, така и од страна на опозицијата, само по себе се наметнува прашањето од каде партиите се обезбедуваат  со ваков тип (не)квалитетни бомби, кои  барем засега немаат речиси никаква разорна моќ и буквално не експлодираат, туку едноставно пригушено шуштат.

            Дали тие ги обезбедуваат од аматерски тајхни служби, или од Бит Пазар, останува нејасно.

            Тоа што посебно загрижува е што Македонија, која пред извесно време стана земја членка на НАТО и наскоро треба да ги почне преговорите за влез во ЕУ  наликува на земја, во која секој секого снима.  или слуша.

            Се добива в печаток како Македонија да нема свои безбедносни  служби  кои ако не  политичарите, тогаш барем  ја заштитат државата од незаконско снимање и следење.

            Каква е таа перспектива на обичните граѓани ако секој во Македонија може кога сака да го  слуша и снима и таквите незаконски снимени материјали да ги пушта  кога сака и како сака, без притоа да одговара пред законот.

            Оттаму зошто се чудиме кога најголемиот број од граѓаните на Македонија своите “паметни “телефони во најголем број ги користат исклучиво за  играње разни игри и читање  пораки или туѓи фејзбук статуси и што  добар дел на луѓе од власта не и веруваат на сопствената власт, па од неодамна  почнаа пред да влезите в канцеларија кај некој луѓе да ве натераат да ги оставите  мобилните телефони во посебни фиоки, како што тоа досега го практикуваа странските амбасади.

            Веќе подолго време најголемиот број од граѓаните на Македонија не ги користат телефоните  за разговори и тоа не само  службени, туку и приватни.

            Тоа е сосема нормално, бидејќи кај најголемиот број од нив владее страв дека ќе бидат тајно  снимени и во зависност од потребите во некои моменти снимките (зло)употребени.

            Во измиантите години  Македонија, почнувајќи од аферата “Големото уво” како и сите други афери поврзани со  тајното прислушкување  не се ослобдои од тајното снимање и следење  на јавните личности.

            Затоа крајно време е  државата  комплетно и целосно да се разоружа од било какви “бомби “ и нивното незаконско поседување да биде кривично санкицонирање.

            Таков детант е нужен за Македонија.

            Во спротивно нема ништо од државата и Македонија не само што никогаш нема да (о)стане слободна и демократска  тукун ќе остане  длабоко заглавена како во периодот на Среќна Нова 49 година, кога не само политуичките неистомисленици, туку и граѓаните беа масовно прислушкувани и следени.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*