Над 3 милиони денари од кои 2 милиони денари од Општина Битола и 1 милион денари од ЈП Комуналец се вложени за изградба на шест нови мали паркови во општина Битола.
Парковите се опремени со нова урбана опрема, детски реквизити, декоративна садници, а онаму каде што е потребно и заштитна мрежа за поголема безбедност на младите. На неколку места приватни компании донирале и канделабри .
„Ова е почеток на акцијата која годинава интензивно ќе се реализира, затоа што сиот узурпиран простор кој што го имавме во минатото, кој што беше нефункционален, оваа локална самоуправа е решена да го стави во поинаква функција, во функција на граѓаните. Шесте нови паркови се само почеток, а до крајот на годината ќе завршиме со поинаков изглед на опкружувањето на живеалиштата на нашите граѓани“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Реализатор на проектот е Јавното претпријатие „Комуналец. Директорот Панде Богоевски посочи дека активностите на терен се одвиваат на различни локации, на територијата на целата општина.
„Како јавно претпријатие извршивме санација на голем дел од постоечките детски паркови во градот, но истовремено се одвоија и нови локации за паркови. Вклучивме и нови содржини, меѓу кои 20-тина детски композиции, а се опремуваат парковите и во руралните средини, како што е паркот во селото Кравари. Тука беше се запуштено, а покрај уредувањето е поставена и нова детска композиција. Имаме соработка и со приватни компании, во случајов имаме донација на канделабри, со што паркот има прекрасен изглед и во вечерните часови. За реализацијата на оваа фаза од проектот се издвоени 3.000.000 денари“, рече Богоевски.