Иако според тоа каква е состојбата во здравствениот систем и пандемијата, никој со сигурност не може да каже дека на 5 јули во Македонија ќе се одржат предвремените парламентарни избори, сепак се чини дека полека се загрева предизборната кампања.
Политичките партии на теренот забрзано работаат на (раз)убедување на гласачите притоа ветувајќи им се и сешто.
И додека двајцата македонски лидери, Зоран Заев и Христијан Мицкоски постојано меѓу себе се обвинуваат за тоа кој е за избори, а кој против, и се закануваат со апсење и поднесување на кривични пријави, деновиве од страна на лидерот на ДУИ, Али Ахмети слушнавме отворен повик за обединување на албанските партии и гласачи за избор на Албанец за премиер на државата.
-Демократската унија за интеграција смета дека Охридскиот договор во целост се спроведува. Албанскиот јазик сега веќе е службен јазик и Албанците предводат најмногу позиции од било кога, клучни позиции како судии Врховен и Уставен суд, министри во клучни министерства, Претседател на Собрание и многу други.
Но сепак, поради тенденциите на исклучување и одбивност на рамноправноста, Албанците се соочуваат со потешкотии во работните места, во секојдневниот живот и се соочуваат со селективна правда.
Затоа, ова не поттикна да го превземеме следниот чекор, за да ги тргнеме и последните потешкотии на граѓаните Албанци, на начин што ќе имаме потполна рамноправност, целосен пристап и одговорност во владеењето. Ова е причината зошто се ангажираме да имаме прв Албански премиер во Северна Македонија. Сега е време пак да се обединиме за целта која е поважна од сите партии и поважна од секоја личност. Заедно, со обединети гласови на Албанците, на секој од нас, но и на другите, ова можеме да го постигнеме,изјави деновиве Али Ахмети и остана жив.
На ваквите повици на Ахмети македонските лидери реагираа мошне брзо на тој начин што лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави дека ако ДУИ мисли дека Албанец треба да биде премиер тогаш нема ништо од коалицијата со СДСМ, бидејќи кандидат за премиер на СДСМ е токму тој, Зоран Заев.
Слична порака испрати и ВМРО ДПМНЕ кое изјави дека кандидат за премиер на оваа партија е Христијан Мицкоски.
Пораката на лидерот на ДУИ Али Ахмети за избор на Албанец за премиер, не само што не промислена туку е и многу опасна.
Изборот на кандидат за премиер по етничка основа и обединувањето на гласачите, не по програмска, туку ислучиво по етничка основа е опасна работа.
Ова го велам не затоа што имам нешто против тоа Албанец да биде премиер на Македонија, туку пред се заради тоа што таквото обединување по етничка основа на овие простори му донесе многу зло, крв и жртви.
Во изминатиот период македонскиот народ како мнозински голтна многу работи за да се задоволат барањата на Албанците.
Многу од тие барања се прифатени и усвоени иако не беа ни спомнати во Охридскиот договор.
Македонските власти и на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ со цел да ги задоволат барањата на својот коалиционен партнер ДУИ, прифатија многу услови и ултиматум, па дури да исплаќаат со години плати на (не)вработени лица од албанската етничка заедница, кои иако седеа дома добиваа редовно плата.
Во изминатите 4 години Македонија прифати да има претседател на Паралментот Албанец, Талат Џафери.
Да не зборувам само на колку министерски места седат Албанци.
Како народ сигурен сум дека меѓу Албанците има способни и умни луѓе кои можат да ја извршуваат и премиерската функција. Има и тоа многу.
Но лично сметам дека услов да се биде Албанец премиер не треба да биде етничката припадност, како што смета Ахмети.
Обедниувањето околу таквиот став може да биде контрапродуктивен дури и опасен, зашто во тој случај може да се случи и Македонците да се обединуваат по националната припадност па да се вратиме назад, кога таквата поделеност ја доведе државата на работ на граѓанска војна.
Во Македонија еднаш веќе треба да се престане со политиките на поделби на изборниот колач по етничка основа.
Време е оваа држава да ја водат способни, професионални, креативни и паметни луѓе, без разлика од која вера и нација се.
Но време е Македонија веќе сите, без разлика дали се Македонци, Албанци, Власи, Турци, Срби, Бошњаци, Роми да ја чусвтвстуваат државата како своја.
Во спротивно нема ништо од Македонија.
Тоа треба добро да го знае и Али Ахмети, кој на македонската политичка сцена опстојува цели 19 години, коалицирајќи со двете главни македонски политички партии, по принципот на уцени и закани, повикувајќи се на приципи, кои тој најмногу и најчесто ги крши.
Доста беше затскривање зад неговата наводна демократичност и европска определеност.
Со обединување на гласачите по етничка основа Македонија не може да смета дека има европска перспектива.
Тоа треба јасно и гласно да им се каже на сите кои така мислат и кои криејќи се зад етничката припадност ги лечат своите лични и политички фрустрации.
М. Младеновски