Младиот битолски гинеколог д-р Синиша Трпчевски, инаку син на сопственикот на приватната болница “Плодност “ во Битола е првиот Македонец, гинеколог кој работи роботска хирургија.
Денеска тој го доби сертификатот за завршена и положена специјализација по гинекологија и акушерство во Виена, Австрија, каде се наоѓа веќе неколку години на специјализација.
Д-р Синиша Трпчевски за време на неговото 5 годишно искуство во рамките на специјалистичкиот стаж во Виена, Австрија направи многубројни лапароскопски и класични операции на карциноми на гениталните органи и над 50 роботски операции.
Д-р Синиша Трпчевски е дел од онколошкиот тим во најголемата болница во градот Велс (северна Австрија), четврта по големина во цела земја. Поради фреквентноста на породувањата во болницата, каде на годишно ниво се породуваат околу 3.500 австријки д-р Синиша Трпчевски се стекна со огромно искуство во оваа област.
Тој во болницата „Плодност“ има направено неколку лапароскопски операции со вадење на лимфни жлезди.
Во моментов е ангажиран во Одделот за роботска хирургија во Австрија, каде што досега направил над 50 роботски операции.
-Во Австрија сакам да останам уште најмалку 5 години, за да го усовршам занаетот, а потоа ќе се вратам во болницата „Плодност“ со цел да воведеме некои оперативни методи, кои не се работат во Македонија. Во меѓувреме, јас почесто ќе доаѓам во мојата Болница „Плодност“ за одредени потешки операции. Ако се создадат услови, и во „Плодност“ ќе проработи робот, операциите ќе можам да ги извршувам со телемедицина од Австрија – тоа е концептот на современата медицина“, ни изјави д-р спец. Синиша Трпчевски.