Don't Miss
Home / Вести / Петта седница на Владата

Петта седница на Владата

Владата на Република Северна Македонија на денешната 5-та седница ја разгледа и усвои „Информација за состојба на откупот на грозје од реколта 2020 година со предлог мерки“, со која го задолжи Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции да подготви мерка од Програмата за поддршка од КОВИД-19 во висина од 4 денари по килограм за откупено и предадено винско грозје во винарски визби кои се запишани во регистарот на производители на вино што го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Поддршката ќе биде наменета за откупено винско грозје до 18 шеќерни единици со минимална цена од 7 денари по килограм.

Намената на оваа мерка е за интервентен откуп на грозје кое ќе биде преработено во производи од винско грозје, а корисници на оваа мерка се винарските визби кои се регистрирани во регистарот на производители на вино што го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции да е задолжен да подготви дополнителна мерка од Програмата за поддршка од КОВИД-19 во висина од 2 денари по килограм за произведено и предадено винско грозје, а корисници на оваа мерка се регистрирани земјоделци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства што се води во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Предвидениот рок за исплата е до крајот на 2020 година.

Во врска со оваа точка од дневниот ред на денешната седница на Владата, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство доби задолжение да подготви мерка во висина од 2 денари по килограм за произведено и предадено винско грозје и се корисници на подмерката 1.10, како директни плаќања по обработлива земјоделска површина за одржување на постоечки лозови насади од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања. Предвиден рок за аплицирање за мерката е да биде до крајот на 2020 година, а исплатата на оваа мерка ќе биде во 2021 година според рокот за исплати во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година. Мерката е наменета за сортите на винско грозје и тоа: смедеревка, вранец, бургундец црн, станушина, кратошија, жилавка, кавадарка.

Со заклучок од оваа точка се задолжува Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, да подготви мерка од Програмата за поддршка од КОВИД–19 во висина од 30% за транспортни трошоци за извезено вино во шишиња која ќе ја користат винарски визби кои се запишани во регистарот на производители на вино и други правни субјекти кои вршат извоз на вино за кои е наменета и мерката за надомест во висина од 20% за транспортни трошоци за извезено наливно вино.

Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции е задолжен да подготви мерка и за извезено винско грозје и тоа:

– за количини до 12 милиони килограми поддршката ќе изнесува 2 денари по килограм
– за количини од 12 до 25 милиони килограми поддршката ќе изнесува 3 денари по килограм
– за количини над 25 милиони килограми поддршката ќе изнесува 4 денари по килограм.

Корисници на оваа мерка се откупувачи запишани во регистарот на откупувачи на земјоделски производи (винско грозје) што го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои ги исполнуваат условите за извоз на земјоделски производи.

На денешната седница е прифатена препораката на Комисијата за заразни болести во врска со отворањето на студентските и средношколските ученички домови според која тие треба да бидат отворени со почитување на Протоколите за сместување со дополнување дека во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.

Во оваа насока, на оваа 5-та седница, на предлог на Министерството за образование и наука, Владата до Собранието ќе достави Предлог – закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард и Предлог – закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард.

Со измените содржани во овие предлог закони, се уредува дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), на студентите и на учениците кои конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови, и на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, за чија висина одлучува Владата на Република Северна Македонија.

Студентите и учениците ќе се пријавуваат на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, за да ги внесат потребните податоци и докази, по што ќе им се исплаќаат средствата за времетраењето на предвидено со овие измени.

Се оценува дека заради намалениот капацитет на користење на сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.

На оваа своја седница Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести, која, по укажувањата на Министерството за образование и наука (МОН) за потешкотиите со кои се соочуваат децата со посебни образовни потреби во следење на онлајн настава, одобри наставата со физичко присуство на овие деца да се реализира со мал број на деца во различни смени, со целосно почитување на Протоколите дадени од МОН, а училиштата кои имаат интернатско сместување да ги опфатат само своите ученици, при што во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.

На денешната седница на Владата е усвоен и Извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, за период од 2.09.2020 година до 14.09.2020 година.

Комисијата предлага согласност за настава со физичко присуство да добијат 169 училишта од кои: 6 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта, 147 подрачни основни училишта. А не исполнуваат услови 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни основни училишта и 2 приватни училишта.

Според извештајот, за организирање настава со физичко присуство во средните училишта биле доставени вкупно 66 барања, од кои Комисијата предлага согласност да добијат 4 училишта од кои: 2 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште, 1 општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава да добијат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – Спортска академија).

На предлог на Комисијата за заразни болести денеска Владата ги усвои и Протоколот за работа на природните лекувалишта за услови на пандемија со КОВИД-19, како и Протоколот за работа на едукативните центри, музички училишта и центри/училишта за странски јазици во услови на епидемија со КОВИД-19.

Во однос на работата на кината, театрите, оперските претстави, балетските претстави, другите манифестации со филмски проекции, мултимедиумските проекти, фестивалите и други манифестации од дејноста на културата, Владата го прифати мислењето на Комисијата за заразни болести согласно кое за овие дејности ќе важи веќе донесениот Протокол за организирање на настани.

Владата на Република Северна Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата за изградба на железничката пруга Кичево – граница со Р. Албанија во две фази, и го задолжи Министерството за финансии да достави Барање за изразување на интерес до меѓународните финансиски институции и билатерални кредитори за обезбедување на финансиски средства во износ од 426 милиони евра за финансирање на проектот „Изградба на железничка пруга Кичево – граница со Р. Албанија, прва фаза делница Кичево – Струга“, како и грант средства за техничка помош на овој проект.

На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата со која ја одобри апликацијата за тековни проекти на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје за финансирање преку грантови за техничка помош на Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF).

Денеска Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за септември 2020 година, и го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 25.09.2020 година за да се обезбеди пензионерите со септемвриските пензии да може да располагаат преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 28.09.2020 година во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:

– Во понеделник, на 28.09.2020 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари;
– Во вторник, на 29.09.2020 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;
– Во среда, на 30.09.2020 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;
– Во четврток, на 01.10.2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за исплата на парични права од социјална заштита, за септември 2020 година, според која податоците за корисниците на парични права од социјална заштита до деловните банки најдоцна до 02.10.2020, по што деловните банки треба да обезбедат достапност на средствата за паричните права од социјална заштита за месец септември преку банкомати и во трговските мрежи од 05.10.2020 година.

На предлог на министерот за внатрешни работи, на денешната седница Владата ја именуваше м-р Магдалена Несторовска за државен секретар во Министерството за внатрешни работи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*