Don't Miss
Home / Колумни / Етнички клуч

Етнички клуч

                       

        Откако ДУИ не успеа по етнички клуч да се избори Насер Зибери да биде првиот премиер Албанец на Македонија, деновиве првиот вицепремиер, кој себеси се преставува како консензуален премиер, во јавноста излезе со нова фикс идеја, во наредниот период субвенциите за вработување во приватните компании да се делат по етничка основа.

Вицепремиерот за политички систем, Артан Груби деновиве најави дека Владата во наредниот период ќе субвенцинира приватни фирми за да вработуваат невработени, припаднци на малцинските заедници.

        Откако таквиот негов предлог наиде на остра осуда, не само кај бизнис заедницата, туку и кај некои Албанци, членови во Кабинетот на Зоран Заев, Груби без око да му трепне нагласи дека со усвојувањето на неговиот предлог во иднина ќе можат да се вработуваат по етнички клуч и  Македонци, кои се малцинство во Тетово, Гостивар, Дебар.

Последната најава за практикување на етничкиот клуч во вработувањата на приватниот сектор е чиста бесмислица, велат бизнисмените.
         Професорот по уставно право, Борче Давитковски вели дека најавата за вработување по етнички клуч, нема никаква логика, ниту шанса да започне  да се применува при вработувањата во приватниот сектор.
        -Вработувањата по таканаречениот етнички клуч имаат логика единствено при применувањето на рамковниот договор, но првично и единствено во јавниот сектор, односно во деловите на државната администрација, каде што на помалите заедници што живеат во државата би им се овозможиле практикувања на нивните права во државните институции. Тука завршува оваа етничка заложба и таа не може да се употребува на ниту едно друго место , вели професорот по уставно право Борче Давитковски.
      Професорот на Економскиот факултет Ванчо Узунов вели дека последните предлози за владини субвенции поврзани со етнички клуч за вработувања во приватниот сектор се чисти бесмислици и економски апсурд.
        Кај нас во последно време, особено по Охридсиот рамковен договор, етничкиот клуч стана главниот (пред)услов  не само  за распределба на политичарите во Владините кабинети, туку и при распределбата во судството, обвинтелството, државната и јавната админситрација,  бизнис колачот, тендерите, битката против криминалот, вработувањето,  а благодарение на овој (пред)услов  илјадници лица од Албанска етничка припадност, во времето на режимот на Груевски и демократската власт на Зоран Заев  со години седеа дома и редовно добиваа(т) плата за работа што не ја работаат.

Во држава каква што е Македонија грижата за етничките заедници и особено за малцинските групи треба и мора да биде првостепена.

Оваа држваа мора  да води подеднакво сметка за сите, без разлика дали се тие Македонци, Албанци, Срби, Турци, Бошњаци, Власи, особено при вработувањето, бидејќи правото на работа е уставно загарантирано право.

Додека вработувањето по етничлки клуч во државниот и јавниот сектор донекаде е сфатлив и прифатлив, давањето субвенции на приватните фирми за вработување по етнички клуч во приватните компании, не само што е неприфатливо, туку е нелогично.

Во приватниот сектор, каде владее логиката и филозофијата на пазарно и рентабилно  работење, никој нема да се осмели да вработува по етнички клуч работници кои не се квалитетни и компетентни за работата што треба да ја работаат.

Познати се случаите каде сопственици на големи фирми и корпорации не ги вработуваат ни сопствените деца доколку не се покажат   дека тие  се способни за работа.

Лично и јас едно време кога работев во САД, откако не успеав два три дена да ја исполнам нормата добив отказ, иако ја имав поддршката на шефот од Македонија.

Ниту еден приватник нема пари за фрлање и време за губење да се расправа со  некадарани, а особено со неработливи  кадри.

Таквата филозофија е однапред осудена на неуспех.

        Времето на “ Нишај врата, земја плата” е одамна поминато во приватниот сектор.

Таквата филозофија   единствено сеуште владее во јавниот и државниот сектор.

Но за брзо време и тој сектор ќе мора да ја напушти  истата,  бидејќи македонската економија не ќе може уште долго да ги плаќа луѓето кои  иако бараат работа, сакаат да не работаат.

Во Македонија крајно време е да се создадат услови во кои младите својата перспектива ќе ја бараат во приватниот сектор. Но веќе е крајно време и политичките партии да се откажат од својата филозофија  лојалноста на своите членови и симпатизери да ја купуваат со ветување работа на државни јасли.

Превработеноста во државната администрација и јавниот сектор е голема. Тоа веќе не го кријат и  јавно го признаваат сите власти.

        На Македонија и требаат млади, стручни, професионални, но пред се работливи кадри, кои ќе се грижат не само за опстанокот, туку и за растежот на компаниите.

Сигурен сум дека интимно така мисли и првиот вицеремеир Аратн Груби. Но во настојувањето тој да ја стекне довербата кај своето гласачко тело и да ја оправда својата функција, тој најави дека парите за вработување на невработените ќе ги дели по етнички клуч.

Доколку тоа се прифати таквите, етниччки  клучеви ќе им стават катанец на најголемиот број приватни компании, а тоа сопстевниците не само што не го посакуваат, туку нема ни да го дозволат.

Колумната можете да ја прочитате во најновиот број на Битолски весник, кој од среда, 23 септември е во продажба

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*