Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска ја прими регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер.
На средбата преку онлајн комуникација учествуваше и Масимилиано Паолучи, новиот директор на Канцеларијата на Светска банка во земјата.
На средбата се разговараше за приоритетите на Владата, како и подетално за областите поврзани со сегашната и идна поддршка од Светска банка, со фокус на досегашните заеднички проекти, како и финансиски услуги и анализи.
Соговорниците разговараа и за напредокот на агендата за иницијативата за регионалното економско поврзување, како една од напредните идеи, која како што беше заеднички констатирано ќе доведе до ефикасни и значителни заштеди во трошоците на трговската размена на годишно ниво.
На средбата беше споменат и Регионалниот проект за олеснување во трговијата и транспортот, преку кој Светската банка е вклучена и ќе даде значаен придонес.
Беше разговарано и за напредокот во поттикнувањето на подинамичен и поконкурентен приватен сектор кој овозможува отворање на нови работни места, како и овозможување на услови за создавање конкурентна, професионална работна сила, која придонесува за економскиот раст и развој на економијата.
На средбата беше констатирано дека вториот мандат на Владата ќе се искористи за интензивирање на реформите во областа на економијата и започнување на пристапните преговори со Европската Унија.
Беше изразена отворена поддршка за одржливите фискални и економски политики, што водат кон реализација на проекти од интерес на граѓаните.
Заеднички беше нагласена важноста на Стратегијата за партнерство на Република Северна Македонија со Светска банка, со чијашто поддршка се реализираат проекти во патната инфраструктура, енергетиката, комуналната инфраструктура, образованието и здравството, чие динамизирање ги доведува економските параметри во нагорна линија и придонесува за обезбедување на квалитетен живот за сите граѓани на државата.