Don't Miss
Home / Вести / Препораките на Комисијата за заразни болести на стенд бај

Препораките на Комисијата за заразни болести на стенд бај

Владата на Република Северна Македонија на денешната 11-та седница ги разгледа препораките на Комисијата за заразни болести за задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема (бандана, шал или друг вид прекривка на носот и устата), секаде при престој на отворено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт, со исклучоците кои опфаќаат спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита, при транспорт со приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство, во угостителските објекти со почитување на протоколите за дистанца и дезинфекција, при престој во службена просторија – канцеларија ако лицето е само во просторијата, како и за децата до 6 години, односно за деца од претшколска возраст; За забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири луѓе; како и предлогот да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 22:00 часот односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено.

Во врска со овие препораки Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел  спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести.

На оваа седница е разгледана и усвоена Информацијата за склучување на Договор за преземени обврски помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) (GAVI ALLIANCE), за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку COVAX механизмот  за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за КОВИД-19, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација, и е прифатен текстот на Обврзувачкиот договор за набавка на вакцините.

Владата побара од Бирото за јавни набавки да предложи најсоодветен начин за остварување на оваа набавка и го овласти министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче да го потпише Договорот за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку COVAX и во координација со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги обезбедат потребните финансиски средства за да се изврши уплата на аванс и да се обезбеди финансиска гаранција согласно потпишаниот Договор за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) (GAVI ALLIANCE), за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку COVAX механизмот за пристап до безбедни и ефективни вакцини за COVID-19, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација.

На денешната седница е разгледана информацијата за одржаниот четиринаесетти состанок на Поткомитетот за правда и внатрешни работи помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација и ги донесе следните заклучоци:

– Се укажува на Судскиот совет на Република Северна Македонија да ја усвои Стратегијата за човечки ресурси во судството по нејзиното усогласувањето со коментарите од Европската комисија најдоцна до 16 ноември 2020 година.

– Се укажува на Советот на јавни обвинители да ја усвои Стратегијата за човечки ресурси во јавното обвинителство по нејзиното усогласувањето со коментарите од Европската комисија  најдоцна до 16 ноември 2020 година.

– Се задолжува Управата за извршување на санкции да изготви информација за оперативноста и достапноста (распространетоста) на пробацискиот систем на територијата на Република Северна Македонија и за истото да ја информира Европската комисија на англиски јазик, преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 30 октомври 2020 година.

– Се задолжува Министерството за здравство во соработка со Управата за извршување на санкции да подготви план за преземање на итни мерки за подобрување на здравствената заштита во казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови и за истото да ја информира Европската комисија на англиски јазик, преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 30 октомври 2020 година.

– Се задолжува Управата за извршување на санкции, да ја информира Европската комисија на англиски јазик, преку Секретаријатот за европски прашања, за плановите кои треба да се реализираат на полето на едукација и ресоцијализација на осудените лица во казнено-поправните установи и на децата кои се наоѓаат во воспитно-поправните домови, како и за спроведените обуки на вработените во казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, почнувајќи од ноември 2020 година.

– Се задолжува Министерството за информатичко општество и администрација во рамки на својот буџет да ги предвиди средствата определени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за истото да ја информира Европската комисија (на англиски јазик), преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 30 октомври 2020 година.

– Се укажува јавниот радиодифузен сервис со вклучување на сите засегнати страни и релевантни институции да утврди стратешки пристап за реформа на јавниот радиодифузен сервис  и одржливо решение за реструктуирање на долгот на јавниот радиодифузен сервис и за истото да ја информира Европската комисија (на англиски јазик), преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 30 октомври 2020 година.

– Се задолжува Министерството за труд и социјална политика да ја информира Европската комисија на англиски јазик, преку Секретаријатот за европски прашања, за преземените напори за заокружување на процесот на деинституционализација на деца, најдоцна до 30 октомври 2020 година.

– Се задолжува Министерството за труд и социјална политика да преземе напори за заокружување на процесот на деинституционализација на лица со посебни потреби и за остварениот напредок да ја информира Европската комисија на англиски јазик, преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до март 2021 година.

– Се задолжува Министерството за труд и социјална политика, да ја информира Европската комисија на англиски јазик, преку  Секретаријатот за европски прашања, за статусот за спроведувањето на Декларацијата од Познан најдоцна до 30 октомври 2020 година.

– Се задолжува Министерството за труд и социјална политика во рамки на редовните, квартални, извештаи да информира особено за преземените мерки за подобрување на интеграцијата на Роми повратници и регистрацијата на Ромите без лични документи, почнувајќи од ноември 2020 година.

– Се укажува на Јавното обвинителство да осигура дека сите мерки, вклучително и ангажирање на истражители, се спроведени со цел да се подобри функционирањето на механизмот за надворешен надзор до 30 октомври 2020 година.

– Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ја финализира новата национална проценка на закани од сериозен и организиран криминал согласно циклусот на политики на ЕВРОПОЛ.

– Се укажува на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција  во постојната евиденција за организираниот криминал, да вклучат и податоци за финансиски истраги, вклучително и податоци за бројот и обемот на спроведените финансиски истраги, најдоцна до 30 октомври 2020 година.

На денешната седница Владата го утврди новиот текст на Законот за изменување на Законот за поштенските услуги, којшто, согласно член 137 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија ќе биде доставен на усвојување.

Во врска со оваа точка, Владата ги задолжи заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, министерот за економија и директорот на Национални пошти да иницираат поодготовка на физибилити студија за можностите за отпочнување на постапка за преземање на компанијата со јавно приватно партнерство или со приватизација за да продолжи процесот на либерализација на поштенските услуги во земјата согласно регулативата на ЕУ.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од објавување на имињата и надоместоците на советниците и соработниците на членовите и на претседателот на Владата, како прифаќање на препораката на ГРЕКО.

Согласно оваа препорака, Владата ги задолжува и Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, кабинетите на замениците на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, кабинетот на генералниот секретар на Владата и кабинетите на министрите во Владата на Република Северна Македонија да ги објават, во рок од 10 дена, имињата и надоместоците на посебните советници, личните советници и надворешните соработници согласно позитивните прописи на Република Северна Македонија, како и редовно и ажурно да ги објавуваат споменатите податоци во иднина.

На оваа седница на Владата е утврден текстот на измените и дополнувањата на Законот за даночна постапка по скратена постапка, со кои се предлага да се изврши намалување на казнена камата за помалку или повеќе платени јавни давачки од 0,03% на 0,015%  во период од стапување во сила на овој Закон до крајот на месец март 2021 година, како резултат на потребата од усогласување со одредбите од четвртиот сет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19.

На денешната седница, Владата го именуваше Душко Арсовски за портпарол на Владата на Република Северна Македонија, новинар со дводецениско работно искуство.

Владата на Северна Македонија на оваа седница за директор на Агенцијата за млади и спорт го именуваше Наумче Мојовски, наш врвен спортист и ракометен репрезентативец.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*