Откако подолг период буквално го снема од политичката сцена и му се посвети на бизнисот, екс премиерот на Македонија Љубчо Георгиевски деновиве повторно се огласи во јавноста.
Овој пат “благонадежниот “, Љубчо се појави во улога на “медијатор”, кој наводно си даде себеси задача да му помогне на Заев да ги надмине недоразбирањата со Борисов.
“Благонадежниот “ Љубчо Георгиевски за време на посетата на Бугарија, по средбите со бугарските официјални политичари, министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, со потпретседателот на Владата и министер за одбрана, Красимир Каракачанов и со генералниот секретар во кабинетот на престедателот Румен Радев, Димитар Стојанов, даде ексклузивни интервјуа за неколку бугарски медиуми, меѓу кои и за бугарската агенција БГНЕС, во кои на сочен и течен литературен бугарски јазик, тврдеше дека “длабоката држава” во Македонија ги нарушува нормалните односи меѓу Македонија и Бугарија.
Притоа тој не објасни која е таа “длабока држава”
Според Љубчо Георгиевски , од бугарската страна никој не сака промена на Уставот на Македонија, а ниту пак нов договор!.
Георгиевски за агенцијата БГНЕС изјави дека југословенската историографија ја признала македонската нација како најмлада на Балканот, а, како што вели, Никола Груевски со антиквизацијата ѝ нанел тежок удар на земјата и дека би било многу лошо ако Бугарија стави вето за Северна Македонија во Европската Унија.
Притоа Љубчо Георгиевски изјави дека доколку не се реши спорот со Бугарија и источниот сосед стави вето на почетокот на преговорите за ЕУ, во Македонија повторно ќе оживеел големосрпскиот национализам.
Војводата Љубчо уште еднаш остана на својот веќе одамна познат политички став, дека Бугарите од секогаш биле поголеми пријатели кон Македонија отколку што сакала да ни ја прикаже југокомунистичката историографија.
Тој во разговорите “ги искара “ Бугарските политичари дека не знаат да ја искористат шансата што им ја пружија Заев и Пендаровски, бидејки до пред само три години било незамисливо македонски политичари да изајват дека Гоце Делчев бил заеднички херој на двете држави.
-Јас во Бугарија важам како пријател, гледате и во Меморандумот ме ставиле, меѓутоа јас никогаш кога сум бил премиер не сум кажал дека Гоце Делчев е заеднички јунак на Македонија и Бугарија, затоа што ќе ме растргнеле тогаш во македонската јавност. Сум кажал дека треба да го преиспитаме нашиот однос према Бугарија..Меѓутоа ваква изјава од типот дека Гоце Делчев е и македонски и бугарски херој јас немам кажано. Сметам дека и сон на бугарската политика долги години беше да добие таква изјава од македонска страна, изјави Георгиевски.
Што сакаше да каже # медијаторот # Георгиевски со ваквата изјава знае само тој.
Дали со неа Георгиевски повторно сакаше да се претстави пред македонската јавност како Војвода и голем патриот, кој иако многумина го сметаат за благонадежен Бугарин и човек кој од секогаш ја сметал Бугарија за своја втора татковина, ни во сонот не помисли да ги прави остапките на Зев, или пак на Бугарите да им ги промовира Заев како политичар кој е склон на остапки, Љубчо Георгиевски не се изјасни.
Како и да е. Љубчо Георгиевски, чија ВМРО Народна партија, откако е тој лидер е во (од)умирање, ја искористи приликата и за време на посетата на Бугарија, повторно, по кој знае кој пат, да ги повтори своите ставови, дека за се што сега лошо и се случува на Македонија винвна е Југославија и Јосип Броз Тито.
За Георгиевски поддржувачите на српскиот националзиам и југонасталгичарите се виновни што Македонија сеуште не може да ги почне ингеративните процеси за влез во ЕУ.
Како и во минатото, така и сега, тие се виновни за нарушените односи со Бугарија, кои можат да доведат до ставање вето на претстојниот самит за почетокот на преговорите за влез во ЕУ.
“Благонадежниот” Љубчо, кој никогаш не одговори на прашањето дали има бугарски пасош или не, повторно како искусен политички аналитичар дели совети како да се реши спорот меѓу Македонија и Бугарија.
Човекот кој за да го нагласи своето име го смена правописот во Македонија и во името наместо буквата “п” ја стави “б” и кој е единствен што го има тоа име # Љубчо # повторно политички се активира и тргна во мисија да ги затопли односите со Бугарија.
Притоа тој не кажа ни збор зошто кога ја извршуваше функцијата премиер не го надмина спорот со Бугарија и не го потпиша Догиворот со источниот сосед.
Љубчо и е должен на македонската јавност да и објасни како го добил Бугарскиот пасош, ако го има и дали притоа при аплицирањето за патната исправа потпишал изјава на нотар дека има бугарски корени и се чувствува Бугарин.
Мислам дека Љубчо Георгиевски на политичката сцена си го отпеа своето и дека подобро ќе му биде да продолжи да се занимава со своите бизниси, кои повеќе од очигледно е дека подобро ги знае и разбира.
Љубчо Георгиевски треба да знае дека такви “сезонски” политичари како него, кои се јавуваат на повик не и требаат на оваа држава, уште повеќе што тој по се изгледа дека веќе нема ништо ново што има да им понуди на граѓаните на Македонија.
А неговите стари идеи веќе им се познати на македонската јавност, особено на Македонците, кои за разлика од Љубчо не само што се разбираат и од политика, туку добро го знаат и македоснкиот правопис, каде Љупчо се пишува со “п”, а не со “ б”
Манде Младеновски