Спортска легенда на Битола, кунг фу мајсторот Златко Неделковски, кој вчера попладнето ненадејно почина замина во легендите.
На Светонеделските гробишта во Битола денеска пред посмртните останки на Неделковски се поклонија стотици битолчани, кои стрпливо во редици, со часови чекаа да му запалат свеќа.
Ненадејната смрт на Златко Неделковски ја шокираше не само спортска Битола, туку и љубителите на спортот од Регионот.
Златко Неделковски беше носител на бројни успеси и признанија. Тој беше мајстор во боречки вештини и спортови.
Спортската кариера ја почна како млад каратисти кога имаше само 9 години.
Во 1985 година тој го основа и формира првиот Кунг Фу Клуб Битола. Со осамостојувањето на Македонија, следната 1992 година го основа и формира Кунг Фу – Фул контакт Сојузот на Република Македонија, во кој членуваат десетина клубови кои лично ги формира во периодот претходно.
Златко Неделковски во 2000 година ја основа Академијата за боречки вештини и спортови ЗА НЕД ДО.
Само во последните пет години Академијата ЗА НЕД ДО има освоени над 500 медали и титули од Балкански Европски и светски натпревари.
Погребот на Неделковски ќе се изврши денеска на Светонеделските гробишта.