Don't Miss
Home / Колумни / Оставката како (не)морален чин

Оставката како (не)морален чин

                  

Последните денови на македонската политичка сцена како ковид-19 се шири зборот „оставка”. Последните денови, преполна уста со зборот „оставка” имаат и  луѓето од власта и од опозицијата при меѓусебните партиско-политички пресметки.

 Аргументирано или не при секое препукување настапите ги завршуваат со барање оставка.

Така опозицијата бара оставка од Заев, а Заев од Мицкоски.

Притоа на списокот на опозицијата која бара оставки  се министерот за здравство Венко Флипче, па првиот човек на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, па Лидија Димова.

На таквите барања не останува глува ни власта, која постојано бара од првиот човек на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Кај нас одамна оставката како морален чин е непозната категорија. Зошто е тоа така – е прашање за милион долари.
Се цини дека причините лежат, пред сѐ, во нашата вродена мана  постојано маните и неправилностите да ги бараме кај другите, а не кај себе и за сѐ што не чини или е погрешно направено виновни да бидат други, а не ние самите.
        За разлика од некои држави во Европа и во светот, каде што политичарите или јавните личности поднесуваат оставки дури и за банални случаи, за кои тие воопшто не биле виновни, кај нас јавните личности за зборот „оставка” не сакаат да слушнат, па дури ни тогаш кога на сите, па и ним  им е јасно дека ја оплескале работата или  длабоко заглавиле во калта. Признавањето на своите грешки, слабости или пропусти кај нас е непозната работа.

Во демократските држави воспоставена практика е веднаш по изборниот пораз губитникот да му ја признае победата на победникот на изборите и истата вечер да поднесе оставка и да распише внатрепартиски избори.

Кај нас веке е воспоставена практика поразите да се прикажуваат како победи. За признавање на поразот или поднесување оставка не може да стане ни збор.
Оттаму, многу дилеми деновиве предизвикаа во Битола поднесувањето оставка и повлекувањето од пратеничките клупи на носителот на листата во Петтата изборна единица, пратеникот Игор Дурловски. Неговата оставка и збогување со парламентот некои ги коментираат како кукавичлак и изигрување на довербата и волјата на гласачите, кои на неодамна завршените предвремени парламентарни избори гласаа за него и неговата листа, а други како негов  морален чин. Трети, пак, сметаат дека со својата оставка, Игор Дурловски испрати јасна порака до јавноста дека политиката не е сѐ во животот и дека на овој свет може да се живее и од нешто друго.

-Мои приоритети се националните интереси. Мене особено ме погодува кога политичката прагма станува поважна од моралот и што тоа што го зборував не можам да го направам. Националните интереси, правда за неправедно прогонетите и нормална држава за нашите деца беа/се мои приоритети. Пратеничката фотелја боде кога политичката прагма станува поважна од моралот. Затоа, го напуштам Собранието на Република Македонија. Тоа што го зборував не можам да го направам, но сега нема да зборувам, а ке продолжам да го правам! Останувам доследен на моите поддржувачи и нивниот глас”, написа во својата оставка Игор Дурловски и остана жив.
         Притоа, Дурловски не објасни што е тоа што толку го разочарало од (не)функционирањето на парламентот и го спречувало да се (из)бори за националните интереси, за неправедно прогонетите и кај кои народни избраници пратеничката фотелја била поважна од моралот. Тој остана должен да објасни како во иднина како обичен граѓанин, без да зборува, ќе може да се избори за правда на неправедно прогонетите.

Колку е да е контроверзна одлуката на Дурловски по само неколку месеци, сам, без да биде принудуван од некого да даде оставка и да си замине од пратеничките клупи, сепак повеке од јасно е дека неговиот чин заслужува внимание, бидејки  со оставката  Дурловски покажа дека политиката не е за луѓето што имаат (високи) морални и етички норми. Но неговиот случај е поучен и од аспект на оние што себеси се гледаат во политиката да сфатат дека, политиката покрај задоволства, носи и разочарувања и дека не мора по секоја цена да им се робува на мандатите.

Од неговиот случај може да извлечат поука и оние што размислуваат да се занимаваат со политика добро да размислат дали се подготвени да се справат со предизвиците што ги демнат, а ако бидат уверени дека расчистиле со себеси, да влезат во немирните политички води, па ако имаат некакви дилеми да се откажат од политиката пред да се најдат на кандидатските листи, особено како нивни носители. Вака се остава простор за разни шпекулации.
     Можеби Игор Дурловски има право и причини да биде разочаран од (не)функционирањето на парламентот, но тој мора(ше) да знае дека илјадници граѓани застанаа зад неговата кандидатура и му веруваа на неговите зборови и ветувања, а покрај својот глас на изборите, некои потрошија и сопствени финансиски средства за тој да биде избран.

          Старите рекле прв речи оп па скокни.

          Случајот Дурловски треба да биде поучен за сите оние кои пред претстојните избори  мислат да се занимаваат со политика и да влезат во немирните политички води.

          Сите оние кои  не можат да пливаат во тие води најдобро е уште пред изборите да им остапат место на други, кои се способни, креативни, енергични… да ги реазираат своите идеи и програми за кои гласале граѓаните.

Колумната можете да ја прочитате во утршниот број на Битолски весник

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*