Don't Miss
Home / Вести / Aпел:(Не)бидете(не)одговорни!

Aпел:(Не)бидете(не)одговорни!

               

        Пандемијата од корона вирусот во изминатите денови го доживува својот пик.

        Во Македонија човечките животи веќе подолго време се (само)статистичка бројка.

        Над 1.100 граѓани  во Македонија ја изгубија битката со пандемијата.

        Илјадници наши (со)граѓани на тестирањата се покажува дека се позитивни на Ковид 19.

        Иако засега не е драматична, сепак загрижувачка е состојбата со коронавирусот и во Битола.

        Секојдневно сме сведоци како бројот на инфицираните постојано се зголемува, а колкав е бројот на тие кои се во изолација веќе никој не знае.

        Тоа што посебно загрижува е што кај нас по појавата на пикот од пандемијата на “респиратори” е и здравствениот систем.

        Здравствените работници веќе се на крајот на силите. Веќе и тие се преморени од неколкумесечната битка со пандемијата.

        Преоптоварени се и болниците, кои веќе немаат капацитет да ги примат на лекување сите позитивни на Ковид 19.

        Во таква ситуација од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести секојдневно упатуваат апели за почитување на мерките за (само)заштита, носење маски и држење дистанца.

        Тие постојано укажуваат на драматичноста на ситуацијата, но за жал нивните апели завршуваат истиот момент кога ќе се исклучат микрофоните на медиумите.

        На разумност и почитување на мерките постојано апелираат и политичарите, но за жал и нивните апели не стигаат до сите граѓани.

        Во Македонија, а во таа смисла и Битола иако најголемиот број од граѓаните ја сфаќаат сериозноста на болеста од Ковид 19 и ги почитуваат (пре)пораките, не е мал бројот на тие кои не веруваат во тоа што им  го кажувата здравстевните работници и “тврдат “ дека пандемијата не постои и дека таа е измислена болест на мултинационалните фармацвски компании.

        И како што е вообичаено кај нас, како и во сите досегашни битки, така и за оваа,  секој има своја вистина. Во таква ситуација прва што “умира “ е токму вистината.

        Затоа во оваа прилика лично во мое име, од сето она што за пандемијата го знам, го прочитав и научив, велам дека нема простор за никакви импровизации.

        Состојбата е премногу сериозна за да ние бидеме несериозни.

        Заборавете на Филипче, Караџовски, Заев, Мицкоски… Да ја земеме судбината во свои раце.

        (Не)бидете (Не)одговорни.

        Тоа што се бара од нас е носење маски, држење дистанца, намалување на контактите и одржување на личната хигиена.

        Зарем е тоа многу, или  е тешко да се почитува.

        Со почитување на мерките ние не само што  самите си го зачувуваме својот живот, туку го зачувуваме и животот на своите најблиски, на своите пријатели, комшии, сограѓани.

         Се покажа дека Ковидот 19 не прави селекција при заразата. Тој ги опфаќа сите кај кои ќе најде плодна почва.

        Од Ковид 19 се заразени, од обични граѓани, до министри, премиери, претседатели на држави, па и голем број лекари и здравствени работници.

        Затоа сега се зависи од нас, од нашето однесување.

        Свесен сум дека е тешко, дека измина многу време откако не стрефи пандемијата,  дека изолацијата на сите тешко ни паѓа.

        Но да се прашеме како им е на оние кои ги изгубија своите најмили, кои не можеа ниту да ги испратат до вечните почивалишта.

        Да се прашаме како им беше на сите оние кои на погребите на своите најблиски не можеа да отидат повеќе од два -тројца.

        Да се прашаме како им е на оние наши (со)граѓани кои не можеа ни свеќа да им запалат на најблиските.

         Да се прашаме како им  на сите оние кои се борат со ковидот на Инфективните одделенија.

        Изминатите денови се изнаслушав   такви приказни кои го кинат срцето.

        Затоа во оваа прилика, во мое име, упатувам апел за почитување на мерките. Да ги намалиме контактите бидејки сега веќе не се знае кој е, а кој не е позитивен.

        Наместо да се пребројуваме кој е позитивен, со позитивни мисли да се справиме со оваа болест,која го кутна  светот на колена.

        Со своето однесување да придонесеме човечките животи да не бидат само статистичка бројка, бидејки зад секој изгубен човечки живот има животна драма, која во црно ги завива илјадници семејства.

        Мојот апел е ако не сакате да слушате никој, тогаш слушајте се самите себеси.

        Бидете овој пат себични. Грижете се само за себе и вашето здравје. На тој начин се грижите и за здравјето на своите најблиски и за сите нас.

        Да ја земеме судбината во свои раце. Да се заштитиме самите себеси, оти (ќе)нема кој во иднина да не штити.

        Време за славење и дружење ќе има. Белким оваа пандемија нема вечно да трае.

        Дотогаш да (не)бидеме (не)одговорни.

                                                                Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*