Don't Miss
Home / Колумни / Демократура

Демократура

                       

        Во изминатите 30 години, од воведувањето на плурализмот на македонската политичка сцена се  изнаслушав какви не приказни за  едноумието во Македонија  и т.н. самоуправен социјализам.

        Иако политичките партии, кои тогаш се формираа, сите, без исклучок, демократијата и плурализмот  ги  воведоа на голема врата на македонската политичка сцена, сепак кога станува збор за демократијата во македонската политика, таа  не само што ја нема,  туку никогаш ниту заживеа во партиите.

        Вообичаено кога станува збор за демократскиот плурализам во партиите, тој како по правило  постојано се бара во туѓите партии, а најмалку, или воопшто не во сопствените партии.

        Дека тоа е така кај нас има бројни примери.

        На  прстите на едната рака можат да се набројат примерите кога некој се дрзнал јавно, јасно и гласно да проговори за слабостите во сопствената партија, или за лидерот, а  потоа да не бил санкциониран.

        Последниот пример во ВМРО ДПМНЕ во Битола е само уште една потврда на ваквата моја констатација.

        Иако во ВМРО ДПМНЕ по поразот на предвремените парламентарни избори, кој лидерот Мицкоски го прикажа како победа ќе најдете голем број членови на партијата кои не се задоволни од раководењето на Мицкоски со партијата, сепак ниту еден од нив нема да се охрабри јавно да зборува за тоа.

        Деновиве за состојбите во ВМРО ДПМНЕ и (не)одговорноста на Мицкоски се осмели јавно да проговори советничката на оваа партија, Анита Ангелевска и истата ноќ  по итна постака беше не само избербетена од своите сопартијци, туку и разрешена од сите партиски функции.

        А “гревот “ на Анита беше што таа се осмели јавно во свое лично име да побара одржување на вонреден конгрес.

– ВМРО ДПМНЕ, мора да излезе од фазата на губитник и партија која нема фокус, а сега најново и партија која бојкотира избори. Денеска сум овде во мое лично  име, како долгогодишен член на ВМРО ДПМНЕ и актуелен советник во Општината Битола, но и во името на голем број членови и поддржувачи на мојата партија. Секој одминат ден без вонреден конгрес ја ослабува партијата, а слабо и дефокусирано ВМРО ДПМНЕ е само на штета на Македонија. И токму заради демократизирањето и обновувањето на ВМРО ДПМНЕ, потребата од дијалог, дебата, анализите и определувањето на нов концепт треба да се материјализира преку вонреден конгрес, изјави Анита  Ангелевска.

И уште нејзината изјава не ја имаше прочитано ни таа самата, стигна реакцијата, поточно пресудата  од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, кој веднаш се огради од нејзината изјава.

-Сметаме дека изјавата на  Анита Ангелевска, на која во претходниот период и беа доверени повеќе партиски функции како и советничката функција во Советот на Општина Битола, е водена строго од личен интерес, под големо влијание на власта, како и судско- партискиот систем на Зоран Заев.

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, ја разрешува  Анита Ангелевска од сите партиски функции кои ги обавува и упатува порака дека нема да бидат толерирани изјави и акти, спротивни на Статутот и Деловникот на партијата, се вели во реакцијата на ОК ВМРО ДПМНЕ.

Во оваа колумна немам воопшто намера да ја бранам Анита Ангелевска. Напротив лично во изминатиот период од нејзиното политичко активирање во ВМРО ДПМНЕ не сум се согласувал со многу нејзини”едноумни “ одлуки и (пре)пораки кои таа ги дистрибуираше до нас новинарите и јавноста како портпарол на партијата.

Но мислам дека нејзиното експресно разрешување од сите партиски фукнции и бербатење во јавноста  во најмала рака како криминалец, повеќе ја (де)легитимира партијата отколку Анита.

Тоа што посебно загрижува е што по нејзината лична заложба за свикување вонреден конгрес и оставка на Мицкоски, ОК на ВМРО ДПМНЕ Битола без  воопшто неа да ја сослуша  побрза да ја оцрни Анита пред јавноста и да ја исклучи од сите партиски функции.

По неколку години молк и поддршка на нејзините активности во партијата и  Советот, сега за ОК ВМРО ДПМНЕ, Анита Ангелевска епартиски член  со криминално минато и во спрега со Заев, која  се пазари со власта за да се спаси од судските процеси кои и тежат на врат.

Вакво експресно расчистување со десидентите во партијата и партиска егзекуција  не можеа ни да се замислат во времето на Инфорбирото во екс Југославија.

Во оваа прилика немам намера да зборувам за (не)одговорноста на Анита за дадената изјава и дали со тоа таа го прекршила Статутот и Деловникот на партијата, но тоа што иритира е што  довчерашните нејзини сопартијци по одуката да расчистат со неа, без никакви аргументи и докази Анита ја прикажуваат како криминалец против која се водат неколку судски процеси.

Ако  нејзиното наводно криминално минато е причината за разрешувањето, тогаш општинското раководство на партијата доколку сакаа тоа можеа да го направат многу порано уште поп рите поднесени кривични пријави.

Или до нејзината изјава за свикување на вонреден конгрес и барање оставка од Мицоски таа беше жртва на режимот на Заев, а сега е во спрега со него.

Доколку ОК ВМРО ДПМНЕ сака да расчистува со криминалните членови на партијата како со Анита, тогаш треба(ше) да има ист асршин и против другите сопартијци против кои во моментот се водат кривични постапки, а некои се дури и со пресуди и се наоѓаат во домашен притвор, или во Шутка, а нивниот лидер Никола Груевски во бегство во Унгарија.

Или додека тие молчат се “чисти” и жртви на политички прогон,  а доколку се дрзнат да (по)бараат вонреден Конгрес, или оставка од Мицкоски ќе бидат криминалци, кои се  во спрега со власта

Со вакви “демократски “ брзопотезни и непромислени постапки лојалните членови на Мицкоски најмалку си прават услуга себеси,а уште помалку на Мицкоски, за кого прашање е на денови кога истите ќе му  го сврат грбот.

Од ваква демократура никој нема ќар, најмалку актуелното раководство на ВМРО ДПМНЕ и лидерот Мицкоски.

Но тоа е нивна партиска работа.

Мое во оваа прилика што имам да им (пре)порачам е решавајте си ги проблемите во партијата како сакате, но немојте да ни продавате демократија, која ниту сте ја имале во партијата, ниту пак сте кадри да се изборите за неа.

Токму заради вашата (вродена) мана да молчите кога треба гласно да зборувате и да бидете слепи послушници на лидерите денес голем број членови и симпатизери се соочуваат со бројни судски процеси и се наоѓаат по затворите или во бегство.

Да знаеја да мислат со своја глава и на своите партиски шефови навреме да му укажат за слабостите и грешките во водењето на партијата денес и тие и другите ќе беа на слобода.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*