Don't Miss
Home / Вести / Адвокатите со соопштение се простија од Никола Стојков

Адвокатите со соопштение се простија од Никола Стојков

На 73 годишна возраст почина познатиот битолски адвокат Никола Стојков.

Поради протоколите од пандемијата Стојков беше погребан во кругот на неколкумина од најтесното семејство, а адвокатите не можеа даодржат ни комеморативна седница па од својот колега Стојков се простија со соопштение.

Од адвокатската заедница на Битола преку соопштение известија за смртта на нивниот почитуван колега и пријател, доајен на битолската адвокатура и активен адвокат со значаен ангажман во коморските активности.

„Веста за неговото заминување не погоди сите, исто како и неможноста да оддадеме достојна почит заради пандемијата со која живееме.

Во оваа прилика, во неможност да организираме и комеморативна седница на Адвокатската заедница Битола, од името на сите адвокати изразувам сочувство до семејството и адвокатското друштво „Веритас”, чии основач беше колегата Стојков.

Во својот животен и професионален век, адвокат Никола Стојков остави неизбришливи траги со кои неговото име ќе живее уште многу долго. Тој беше претставник на генерацијата адвокати кои успешно и достојно го зачуваа претходно децениски градениот имиџ на битолската адвокатура на национално и пошироко ниво.

Роден е во Битола во 1947г. каде завршил основно училиште и Гимназија. Како гимназијалец е учесник на работната акција „Јадранска магистрала” во 1964г.
Правен факултет завршил во Скопје во 1973г. Во 1974г., се вработил во Окружниот суд Битола, а од 1976г., бил секретар на Основниот суд на здружениот труд.

Како вработен во судот бил избиран на повеќе функции како: Претседател на Собирот на работните луѓе при РЗ на Основниот суд на здружениот труд Битола, Претседател на комисијата за заштита на самоуправните права и општествената сопственост при општинскиот совет на ССМ – Битола. Во периодот 1976г., до 1980., бил делегат на правосудните органи во ФК „Пелистер”, а од 1979г., до 1981г., бил член на претседателството и секретар на клубот. Правосудниот испит го положил во 1976г. Во 1978г., до 1982г., бил Претседател на Мировниот совет на МЗ „Коле Љачето”, во 1983г., до 1985г., бил Претседател на ОО на синдикатот при Основниот суд на здружен труд и Општествениот правобранител на Битола и Демир Хисар, а во истиот период бил и претставник на општествената заедница во органот на управување на Заводот за деца со оштетен слух, говор „Кочо Рацин” Битола и претставник во Советот на болницата за ортопедија, трауматологија и костозглобна туберкулоза во Охрид.

Како адвокат работеше 34 години, односно од 1986г. непрекинато до 2020 година кога се пензионира. Во својата богата адвокатска кариера бил претседател на Основната адвокатска комора и Основната адвокатска заедница на Битола. Во 2009г., е еден од основачите во адвокатското друштво „Веритас” Битола.

Во прва прилика, АЗ Битола ќе оддаде и достојна почит на неговиот лик и дело,“ се вели во соопштението од Адвокатската заедница на Битола.

Стојков на јавноста и беше познат и по тоа што беше адвокат по службена должност на Соња Николовска во случајот ТАТ.  Тој е еден од еден од основоположниците на реформските сили на Македонија, покасно Либералната партија, како и кандидат за пратеник во Собрание на Република Македонија во 1995 година и кандидат за градоначалник на Битола на изборите во 1997 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*