Првото рочиште во предметот „Моќник“ е одложено поради отсуство на повеќемина од обвинетите. Дел од нив не дошле на суд поради неуредно добиено известување, а дел поради коронавирусот. Рочиштето е одложено за 23 декември.
Обвинетиот прв лустратор, Томе Аџиев, со уредна документација го известил судот дека е позитивен на ковид-19, додека обвинетиот поранешен градоначалник на Македонски Брод, Миосим Војнески, информирал дека има наредба за самоизолација поради контакт со заболен. Тројца од обвинетите не присуствувале поради неуредна покана.
Во судницата бил присутен пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој е обвинет заедно со уште 12 лица за продажбата на објект во село Ижишта-Општина Македонски Брод, што го користела општина Пласница.
– Милошоски, по одложеното рочиште, рече дека обвинението е компромитирано. Според него, случајот е политички мотивиран, а Обвинителството нема издржани докази.
– Станува збор за политички мотивиран случај. Обвинението е компромитирано, тоа е почнато како истрага Катица Јанева, која видовме дека се занимавала со рекетирање. Го продолжува нејзината другарка Фетаи, која ДЗР утврди дека незаконски земала 87 илјади денари хонорари. Дел од Обвинителството е под силно влијание на Владата и очекувам, Обвинителството да го користи аргументот на силата. Ние ќе користиме докази, за да докажеме дека станува збор за правно неоснован случај. Обвинението ако го прочитате ќе видите дека е паушален и без издржани докази. Затоа сметам дека станува збор за политички мотивиран случај. Јас не би го коментирал судот, само Обвинителството. Кои се нашите најсилни аргументи ќе кажеме на самите рочишта – рече Милошоски.
Според обвинението, Милошоски се товари дека како пратеник вршел континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите за да не се поништи купопродажбата, со што овозможил да се реализира последицата од делото.
– Во текот на 2011 година прво и второ обвинетиот, заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист ги довеле во заблуда советниците во Советот на општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање на факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на недвижен имот за кој советниците сметале дека е „поранешниот задружен дом“, а всушност одобриле отуѓување на зграда со корисна површина од 157м2 со дворно место од 3.920 м2 во с.Ижишта-Општина Македонски Брод, која ја користела општина Пласница, соопштија од обвинителство – стои во обвинителниот акт.
Случајот го води судијката Ленка Давиткова, додека Фатиме Фетаи е застапничка на обвинението.